Вино и чоколада, комбинирана страст

Велат дека виното е страст. Тврдат дека чоколадата е страст. Дали можат да се спојат? Ништо не е неможно, иако велат дека овие две страсти не одат една со друга.

Така велат гастрономите, но правилата секогаш имаат исклучоци. Притоа, да се разбереме, говориме за добра чоколада и за добри вина. Како можат тие да се спојат и да бидат во гастрономска хармонија? Гурманите ќе ви кажат дека не робуваат на правилата, односно правилата си ги прават самите и ги приспособуваат на своето расположение.

Секоја чоколада, доколку се спои со соодветно вино, може да биде деликатесно доживување. Најважно е да се изберат чоколада и вино, кои ќе бидат приближно исти по слаткост. Тоа значи дека предвид доаѓаат вина што имаат поголем процент на шеќерност. Перфекционистите велат дури дека виното треба да биде за нијанса и послатко од чоколадата. Во спротивно, општиот впечаток ќе биде – кисел!

Никако не спојувајте вина од типот на шампањско (пенливи) со што било направено од чоколада. Пенливите вина и чоколадата се добри одвоени, но не и заедно. Спојот им штети и на двете дури и кога се работи за слатко пенливо вино.

WildWineWoman-Loxton-Strawberries-Chocolate-Pairing

Постојат вина што одлично ќе се сложат со добра чоколада. Тука се, пред сé, вината од типот на „шери“ и уште подобро „порто“. Млечните чоколади одат одлично со вината добиени од „пино нуар“, „мерло“, „ризлинг“ и генерално со десертни вина. Сортите „зинфандел“ и „каберне совињон“ се сложуваат со црна чоколада.

Ако сакате да направите спој со бела чоколада, изберете некои поелегантни бели вина. Белата чоколада е секогаш помека и помасна од црната, па со неа одат вина како „мускат“ или типот на ликерски вина со многу шеќер.

Бидејќи полифенолите се најефикасни во комбинација, а во виното и во чоколадата ги има најмногу, секоја дилема е отстранета. Имате дупло уживање, а истовремено сте ги подобриле функциите на мозокот и мисловните дејства сте ги направиле побрзи и поедноставни.

Низ светот, на пример, има низа продавници, бонбониери, бистроа, каде што се продава врвна чоколада со различни вкусови со специјални полнења и зачини (од црн пипер, егзотични тревки, пиперки и плодови). Таму сигурно секогаш ќе можете да најдете комбинација за вашето вино.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *