„Аминта“ на „Стоби“ е најдобро вино на Балканот

Црвеното вино „аминта“ од бербата од 2013 година на македонската винарница „Стоби“ освои златен медал на престижниот регионален натпревар БИВЦ (Балканс интернешнл вајнс компетишн) кој се одржа од 26 до 29 мај во Софија, Бугарија. Станува збор за четврто издание на манифестацијата на која се претставуваат и се оценуваат најквалитетните вина од целиот Балкан, а на едно место во текот на четири дена се собираат реномирани енолози, вински критичари и познавачи.

Виното е дел од новата специјална серија „приватна резерва“ која „Стоби“ ја претстави на крајот од минатата година. Енолозите на винарницата уште тогаш најавија дека „аминта“ заедно со вината „акација“, „аура“, „аксиос“,„вердо“ и „веритас“ ќе им бидат нови адути на претстојните натпреварувања и вински саеми. Златото со кое се вратија од Софија е доказ дека се на вистинската патека, а во периодот што следува ќе се појават и на голем број други манифестации од сличен калибар. Инаку, освен со златото за „аминта“, „Стоби“ од Софија се врати и со три бронзени медали за вината „аура“, „веритас“ и за „р’кацители“.

Винарницата годишно произведува вкупно 4,5 милиони литри вино, од кои најголемиот дел, односно 75 отсто се пласира на 20 странски пазари. Овој факт ја прави втор најголем извозник на вино во шише од Македонија. Токму поради продажните бројки кои бележат нагорен тренд, како и одличните оцени на винските настани, во план е проширување на производствените капацитети на винарницата во следниот период.

Уште од отворањето, винарницата „Стоби“ постојано собира награди и одлични критики од врвни енолози и вински критичари. Неодамна винската советничка на кралицата Елизабета, која наедно е и колумнистка на „Фајненшл тајмс“, Џенсис Робинсон, на својата веб-страница нагласи дека црвеното вино „вранец“ на „Стоби“ од бербата од 2011 година е идеален избор.

– Некои неверојатно добри вина може да се најдат на најмалку очекуваните места. „вранец“ на винарницата „Стоби“ би чинело двојно повеќе доколку доаѓаше од некоја очекувана, мејнстрим-локација, а не од Република Македонија. Очигледно многу вешто е мешано од мојата колешка, која исто така ја има титулата експерт за вино, Каролин Гилби, и е специјалист за вински прашања и за Југоисточна Европа – напиша Робинсон.

Англискиот критичар Пол Капуто, пак, посочи дека винарницата можеби не е најголемата во Македонија, но со производството од четири милиони шишиња годишно сигурно е еден од посилните играчи на пазарот.

Минатата година и американскиот весник „Волстрит журнал“ го рангира виното „жилавка“ на „Стоби“ меѓу топ пет пролетни вина во светот. Додека „вранец“ од бербата од 2012 година беше препорачан од реномираниот „Вашингтон пост“ и ја доби оцената „одличен“.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *