Кавадарци ќе биде седиште на „Итер витис Балкан-вински патишта на Балканот“

Во рамки на меѓународната конференција за основање на „Итер витис Балкан-вински патишта на Балканот“ која се одржа во Скопје, под покровителство на Министерството за култура, преставници од сите екс ју републики и Грција, го посетија идното седиште на оваа организација, кое се наоѓа во Кавадарци. Тие го посетија и музејот на вкусовите, единствен од таков вид во регионот и винарската визба „Тиквеш”.
„Мене ми е посебна чест и задоволство што Кавадарци е дел од европските рути и тоа можеби најбитната на Балканот и навистина сум почестен со тоа. Тоа што го имаме се обидуваме со помош на Министерството за култура и Фондацијата „Тиквешки вински пат” да го промовираме, нашата вистина за виното и винската култура и да станеме препознатлив бренд. Ова е одлична можност цела Европа да дознае за нашата вистина“ – рече меѓу другото кавадаречкиот градоначалник Акександар Панов во изјава за медиумите.
Задоволство што Кавадарци ќе биде седиште на балканските вински патишта изрази и Виолета Јанкова, директор на „Тиквешки вински пат”.
„Како еден од директорите на винските патишта во Европа, можам да кажам дека успеавме да се избориме да се направат вински патишта како мрежа на Балканот. Со нив ќе се брендираат територииите на Балканот како земји од кои виното и винската култура се прошириле на територијата на Европа, што е малку познато и малку користено во брендирањето на виното и винската култура“ – рече Јанкова.
Таа нагласи дека има најава од Министерството за култура и Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија дека ќе помогнат што поуспешно да се презентира Македонија како подрачје кое има развиен вински туризам, со цел да се привлечат што повеќе туристи кои ќе ги купуваат македонските производи и ќе ја запознаат македонската култура.
Директорот на Институтот за културни патишта на Европа Стефано Доминиони кажа дека денешниот ден е многу важен, бидејќи се одбележува сертификацијата на винската културна рута, како една од културните рути на Советот на Европа.
„Тоа е културна рута која сакаме да ја доближиме до европјаните бидејќи вашата убава земја го заслужува тоа“ – нагласи тој.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *