Кои вина се навистина добри за Вашето здравје?

Не секое вино подеднакво содржи сосостојки кои имаат благородно дејство врз здравјето на луѓето. Врвните вина произведени од квалитетно грозје се вистинскиот избор.
Македонија има идеални услови за производство на вакви вина, децидни се експертите Научниците се согласни дека умерената консумација на вино може благотворно да делува врз здравјето и животот на луѓето. Виното, велат тие, е богато со биоактивни соединенија кои имаат исклучителни фармаколошки карактеристики, односно се однесуваат како лекови. Благодарание на ваквите соединенија, виното го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, односно срцеви и мозочни удари, има заштитна улога при артериосклероза, а ја намалува и можноста од појава и раст на канцерогените клетки.
Ваквите тврдења се разбира се поткрепени со соодветни докази кои произлвегуваат од големиот број научни истражувања кои се спроведуваат ширум светот. Неодамна и нашата земја, благодарение на винарската визба „Тиквеш“, беше домаќин на првата стручна конференција на која неколку странски и домашни експерти ги презентираа своите истражувања и докази за влијанието на умерената консумација на вино врз здравјето на луѓето. Презентирајќи ги своите наоди, овие експерти потврдија дека виното е богато со состојки и карактеристики кои имаат позитивно влијание врз здравјето и совршено се вклопува во современите животни стилови. Но, истовремено нагласија и дека не секое вино ги има овие благородни својства.
„Само виното кое не содржи тешки метали или други штетни хемикалии и кое се произведува според највисоките стандарди за безбедност, всушност е вистинскиот избор“, вели д-р Сабина Пасамонти, професорка на Универзитетот во Трст (Италија) чии истражувања водат кон подобро разбирање на значењето на исхраната врз човековото здравје.
Професорката Виолета Иванова – Петропулос, доктор на хемиски науки и истражувач во областа на енохемијата и енологијата на Земјоделскиот факултет во Штип, оди чекор понатаму и констатира дека „количината на биоактивни и нутритивни материи во виното во многу зависи од сортата на грозје, од климатските услови, технологијата на производство и условите на чување на виното. Тоа значи дека висококвалитетните вина коишто потекнуваат од квалитетно грозје и за чие производство се применува современа врвна технологија и одлежуваат во квалитетни танкови и буриња, имаат поголема концентрација на корисни материи и полезни карактеристики за човекот во однос на вината кои не се произведени на ваков начин“, заклучува таа.
За д-р Клемен Лисјак, енолог и истражувач од Земјоделскиот институт на Словенија, кој веќе една деценија го истражува влијанието на почвата, климата и останатите услови за производство на грозје во Македонија, особено во регионот на Тиквешијата, потврдува дека високиот квалитет на одредени македонски вина се должи меѓудругото и на квалитетното грозје и начинот на кој тоа се одгледува и третира. На пример, вели тој, грозјето од сортата вранец од регионот Тиквеш содржи највисоки концентрации на органски соединенија, особено антоцијани, коишто несомено се моќен антиоксиданс и истовремено се заслужни за интензивната црвена боја на врвните вина од оваа сорта, имаат исклучителни нутритивни вредности во споредба со останатите сорти. Исто така, заради поволните климатски услови, грозјето во Македонија, не мора да се третира со специјални хемиски препарати заради дополнителна заштита, што не е случај, на пример во Словенија каде грозјето мора да се прска со вакви препрати и до 15 пати годишно, што секако може да има влијание и врз квалитетот на виното и неговите нутритивни својства, објаснува Лисјак.
Значи, експертите се децидни: виното може да биде лек, но само доколку е добиено од квалитетно грозје, со врвна технологија и на правилен, безбеден и хигиенски начин.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *