„Гранд Куве“ на „Домен Лепово“ прогласено за светски шампион меѓу црвените вина

Виното е креација на светски реномираниот вински мајстор Филип Камби и во секој поглед претставува навистина моќно вино со уникатен карактер

Македонското вино „гранд куве“ на бутик винарницата „Домен Лепово“ од бербата 2013 го потврди своето високо реноме понесувајќи ја титулата светски шампион во категоријата црвени суви вина на 58-миот меѓународен вински натпревар „Вино Љубљана 2016“.
Ова вино, кое е дел од портфолиото на премиум винарницата „Домен Лепово“, е издвоено како светски шампион меѓу 412-те вина од 21 земја што учествуваа на годинешната интернационална винска смотра на најдобрите, која традиционално се одржува во Љубљана.

Виното „домен лепово гранд куве“ (Domaine Lepovo Grand Cuvée) претставува совршено балансирана купажа од три висококвалитетни сорти – вранец, каберне совињон и мерло. Виното е креација на светски реномираниот вински мајстор Филип Камби и во секој поглед претставува навистина моќно вино со уникатен карактер. Целокупниот процес на производство се одвива во винарницата „Домен Лепово“, која е во рамките на самиот имот каде што се лоцирани лозјата, со што е овозможена максимална контрола на квалитетот. За квалитетот на ова вино придонесува и неговото одлежување во исклучиво нови, најелитни (ICON) француски барик буриња во времетраење од 15 месеци. Сите овие карактеристики имаат удел во ексклузивноста и високата вредност на ова вино, достапно во лимитирана серија од 20.000 шишиња.
Премиум винарницата „Домен Лепово“ во своето портфолио има три бренда: „шардоне“, кое се појави на пазарот во 2014, „пино ноар“ и „гранд куве“, кои се појавија на пазарот во 2015. Сите вина одлежуваат во исклучиво нови ICON буриња – „шардоне“ во времетраење од 6 месеци, а „пино ноар“ 12 месеци.
„Вино Љубљана“ е вински натпревар што се одржува уште од далечната 1955 година и спаѓа меѓу 10-те водечки светски вински натпревари. Годинешната селекција на најдобри вина ја направија 40 дегустатори од 14 земји, меѓу кои и од Македонија, според правилата на Меѓународната организација за вино (OIV) и Меѓународната асоцијација на енолози (UIE) од Париз, Франција.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *