Учесниците на винската регата бараа скриено богатство крај Црвени Брегови

Туристи со мапи бараа шишиња со вино закопани во лозје. Петти ред, осма лоза и слично. Ваква атрактивна игра се реализираше во лозовите насади во селото Црвени Брегови, Неготинско. Несекојдневната авантура беше во рамките на четвртата по ред Тиквешка винска регата, која се случуваше викендов по течението на реката Вардар. Шеесетина гости од земјава и од странство, учесници во Регатата, поминаа часови и часови во гумени чамци по Вардар. Тие, всушност, беа дел од патот на виното, по кој во минатото извонредното тиквешко вино се носело до Солун. Патем посетија неколку винарници во кои дегустираа квалитетни вина од тиквешкото виногорје.
Даниела Микловиќ од Стара Пазова, Србија, крај една лоза откопа квалитетно црвено вино од сортата вранец.
„Среќна сум бидејќи пијам само црвено вино”, рече таа.
Првпат учествуваше во Тиквешката винска регата, откако слушнала колку убаво си поминала нејзина пријателка на Регатата минатата година.
Микловиќ кажа дека често доаѓа во Македонија оти татко и е Македонец, по потекло од Кавадарци. Беше презадоволна од Регатата, би дошла повторно, а и би им препорачала тоа да го сторат на нејзините блиски и пријатели.
„Посебно ми се допадна играта со барањето скриено богатство во лозје. Тоа е полн погодок и мислам дека е вистинска туристичка атракција”, додаде Микловиќ, откривајќи дека следната година би можела да донесе и група свои блиски, за да бидат дел од едно вакво незаборавно доживување.
Шеесет и деветгодишната Мирјана Радивоевиќ имаше огнено крштавање, што се вели, првпат во Македонија, и веднаш на Регата.
„Многу убав крај. Особено ме воодушевија луѓето. Сите се гостопримливи, насмеани, полни со позитивна енергија, љубезни. Воодушевена сум. Би доаѓала секогаш повторно, а би им кажувала и на други да дојдат, оти е навистина прекрасно. Не знам да пливам, но мажот ми знае, и штом е тој до мене, не ми е страв да бидам дел од нешто вакво”, вели таа.
Откри дека не е голем пијач, но знае да наздрави со чаша вино за здравје и среќа. И таа обожава црвено вино, а ископа вранец.
Сепак, најмногу се насмеала кога едно момче пронашло празно шише од вино во кое пишувало дека, ете, некој пред него го испил виното и оти му се посакува повеќе среќа следниот пат. Игра си е игра, па така и на изненадувањата им немаше крај, а симпатичното момче, сепак, на крајот доби не едно туку две шишиња вино. Сите се согласија дека тоа беше убава и интересна досетка во режија на организаторот – кавадаречкото здружение “Винотек”, кое ги развива и промовира производите од грозје.

Според кавадарчанецот Глигор Гогов – Гиго, играта симболично ја претставуваше народната приказна за богатството закопано во лозјето.
„Таткото оставил аманет до синовите да копаат длабоко во лозјето зашто има закопано богатство. Тие копале и копале, но не нашле златници, како што претпоставувале и се надевале. Но затоа, пак, толку добро го обработиле лозјето, што тоа родило многу грозје и навистина им донело богатство”, ја раскажа тој приказната.
Во барањето на скриено богатство и уживање во Вардар за првпат учествуваше и охриѓанка, која беше презадоволна од спонтаноста која придонесе човек да заборави на проблемите и да се препушти на уживањето.

„Предизвик беше, и цело време, наместо во езеро како досега, за првпат се капев во река. Оваа вода носи, и дури и во плитко не можеш да застанеш. Верувам дека ова, и тоа како може да го развива винскиот туризам”, рече таа.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *