Се што треба да знаете за поделбите на виното

Виното е сложен и до детал нијансиран и префинет пијалак. Начинот на неговото производство, комбинациите од различните сорти грозје, богатството од мириси и вкусови кои се развиваат во чашата, комплексноста на факторите кои влијаат на развојот на карактеристиките на виното и уште многу други причини го прават виното единствен пијалак, а истовремено ја објаснуваат и нашата фасцинација од него.
Токму затоа и обидот за класификација на вината не е едноставен, поточно има навистина многу различни поделби на виното. На пример, разликуваме мирни и пенливи вина во зависност од тоа дали постои заробен јаглероддиоксид во шишето. Еден вид пенливо вино е добропознатиот шампањ.
Основната поделба на виното е според неговата боја. Секое вино се произведува од сокот од гроздовите зрна, но во зависност од тоа какво е грозјето и колку долго ќе трае контактот меѓу сокот и лушпата од гроздовите откако тие ќе бидат изгмечени, разликуваме

– Бело вино: се произведува од бели сорти винско грозје
– Црвено вино: се произведува од црвени сорти винско грозје
– Розе вино се произведува од црвени сорти винско грозје, но во процесот на производство има ограничен контакт меѓу сокот и лушпата од грозјето

Доколку целокупното количество шеќер се трансформира во алкохол за време на ферментацијата, станува збор за суво вино. Но, ферментацијата може да биде прекината, и во виното да остане поголемо или помало количество природен шеќер. Во зависност од концентрацијата на шеќер во виното, постојат полусуви, полуслатки и слатки вина.
Познат е и терминот десертно вино. Вообичаено овие вина се произведуваат од доцна берба на грозје, при што зрната дури наликуваат на суво грозје кое изобилува со шеќер. Во одредени вински региони бербата се одложува додека зрната грозје не замрзнат на лозјето. Притоа, концентрацијата на шеќер е толку висока што не е возможно целосно да ферментира во алкохол и на тој начин се добива вино со низок процент на алкохол и сладок вкус. Исто така, постојат и засилени вина. Станува збор за слатки вина кај кои процесот на ферментација се запира со додавање алкохол. Популарни засилени вина се познатите шери, порто, мадера, марсала, вермут, бермет…
Понатаму вината се делат според своето потекло (географски контролирано или не), според регионот од кој потекнуваат, според сортите од кои се добиени, според бербата како што веќе споменавме… виното е сложен и нијансиран пијалак, затоа е и божествен.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *