Винариите тактизираат, лозарите се нервираат

Дали е на повидок уште една катастрофална година во лозарството? Ова е прашање кое наскоро ќе го добие одговорот. Бербата на винско грозје ќе започне за кратко време, а винарските визби не покажуваат некој посебен интерес за склучување договори, се жалат лозаро производителите.
Тие стравуваат дека годинава е можно поголема количина од родот кој се цени на околу 180 милиони килограми, да нема кој да го купи.

 
Меѓу лозарите се коментира дека визбите намерно тактизирале. Сакале да извршат притисок да се врати стариот рок за исплата на грозјето од шест месеци по откупот. Па сега, најавите дека нема да купуваат грозје или ќе откупат помали количини требало да создаде паника кај лозарите и попуст кај надлежните околу рокот за исплата. Се шпекулира дека визбите годинава ќе откупеле далеку помали количини од белите сорти на грозје.

 
Дека нема ништо конкретно договорено на релација лозари-винари потврдува и претседателот на „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов. Тој ни рече дека состаноци се одржувале со винариите, но договори и резултати од преговорите немало. Најави дека и во наредните денови ќе се преговарало за годинашниот откуп и цените по кои ќе се откупува винското грозје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *