Техничка поддршка од Унгарија за македонското лозарство

Посветеноста на квалитетот и искрената желба да им се понуди уникатност и нов вкус на потрошувачите постојано го надоградува имиџот на виното што придонесе овој производ да стане втор најважен во извозот на агропрехранбениот комплекс, а лозаро-винарскиот потсектор да остварува нето годишен прилив од над 65 милиони евра, рече денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, отворајќи ја работилницата за европските субвенции и земјоделските статистики.

Според него, лозарството, заедно со производството на вино, придонесува со околу 17 до 20 отсто во земјоделскиот БДП.

– Виното е на прво место во извозот на пијалоци и втор најважен производ во однос на извозната вредност на земјоделските производи. Во последната деценија е евидентно присуството на се поголем број нови винарии изградени и опремени по најсовремени стандарди, но и реконструкција и модернизирање на старите во насока на што подобар квалитет на виното, истакна Костадиновски.

На работилницата, во чиј фокус беа унгарската техничка поддршка, трансферот на знаења и искуствата во делот на регистрите за вино и мрежата за сметководствени податоци од земјоделските стопанства, присуствуваше и амбасадорот на Унгарија Ласло Лукс.

Од краткиот престој во земјава, Лукс, како што рече, заклучил дека македонското земјоделство има голем потенцијал поради што е голем и просторот за соработка на ова поле.

Одговорајќи на новинарско прашање, амбасадорот порача дека малите производители и продавачите на зелените пазари можат да се заштитат од строгите ЕУ критериуми ако за тоа има разбирање кај надлежните институции.

– Ова е многу чувствително прашање кое предизвика големи проблеми во Унгарија. Но, нашето искуство вели дека доколку има разбирање од страна на институциите, можно е да се заштитат малите производители и продавачите на зелените пазари и покрај строгите ЕУ критериуми. Токму тоа го прават унгарските институции, на секој начин се обидуваат да ги заштитат овие две категории бизниси, рече амбасадорот и уште еднаш ја нагласи поддршката од унгарска страна за македонските евроинтеграции.

Денешната работилница се организира во рамки на Меморандумот за разбирање меѓу Македонија и Унгарија потпишан во 2013 година.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *