„Станушината“ е грациозна како Наоми Кемпбел

Издржлива е, студот не и пречи, но кога ќе влезе во визбата бара внимание. Целата историја на Македонија може да се прераскаже преку неа. Тука опстојува колку и земјава. За сите други сорти може да се спори околу потеклото, но не и за „станушина“.
„Станушината“ е наша, македонска. Тие што негираат се што е наше, негодуваат дека немала боја, арома и тело. Но, веднаш можам да ги демантирам. „Станушина“ има аристократска боја, нежни ароми на јагода, а во телото е грациозна, елегантна и префинета – вистинска Наоми Кемпбел. Токму затоа што е наша, ја љубам и ја промовирам. Вака Јордан Трајков, извршниот директор на винарската визба „Попова кула“, сликовито и со восхит ја опишува сортата грозје која вирее единствено во Македонија. Автохтоната сорта од која се раѓа вкусно розе вино е заштитниот знак и гордост на винарницата, која изминативе години стана неодминлива дестинација за вистинските вљубеници во скапоцениот пијалак.

85ec900788b26e4ba40df7fc7833fec2
Винарницата „Попова кула“ се наоѓа точно на половина пат меѓу Скопје и Солун, како и меѓу Белград и Атина, што ~ дава стратегиска местоположба доволна да привлече многу добронамерници. Адресата звучи необично, но е токму таа – Булевар на виното број 1. Трајков објаснува дека не сакал винарницата да се води на адресата што им ја понудиле од општината “Индустриска без број“, па со неговата упорност успеал да ги убеди локалните власти и официјално да ја доделат таа адреса во која има многу симболика, не само за „Попова кула“, туку и за винскиот туризам кој почнува да се развива во Тиквешијата.
Заемна доверба со лозарите
При самото пристигнување, на прв поглед плени камената градба на објектот, направен во традиционален стил и со чардак. Особено моќно изгледа високата кула од која се простира прекрасен поглед на демиркаписката околина. Но, не помалку впечатливи се преполните рафтови и полици со различни вина кои паѓаат во очи на самиот влез. Ги има од сите видови и сорти – бели, розе и црвени. Почесното место, сепак, е резервирано за шишињата со „станушина“. Таа е вистинско македонско девојче. Издржлива во лозјето, чека да ги завршите сите работи, па да и се посветите. Ни студот не и пречи. Но, кога ќе влезе во визбата, бара многу внимание. Целата историја на Македонија може да се прераскаже преку неа бидејќи постои на ова поднебје во сите периоди на создавањето на земјава. За сите други сорти грозје може да се спори околу потеклото, но не и за „станушина“. Таа е само наша – вели Трајков.
Затоа и не е чудо што ја обожаваат и странците. Префинети Французи, познати по истенчениот вкус за вино, не пропуштаат можност да дојдат барем до едно шише. Во „Попова кула“ се раскажува за еден француски амбасадор испратен на служба во европска земја кој постојано нарачува по неколку пакети „станушина“. Но, само за лична употреба бидејќи функцијата му налага промоција на француските вина. Во „Попова кула“ не е само виното македонско, туку и се друго што може да се проба во ресторанот. Предност имаат продуктите од Демиркапискиот регион. Пастрмката и лососот се набавуваат од рибникот во близина на Демир Капија, слаткото од смокви го прават жени од градот, исто како и сирењето и млекото. Лебот се купува од локалната пекарница, овошјето и зеленчукот од околните ниви, а винарницата е најголемиот потрошувач на јајца и месо од фармата на ноеви што се наоѓа во нејзина непосредна близина. Но, најквалитетниот македонски производ доаѓа од кооперантите, односно лозарите од кои го откупува грозјето.

320eb32d81b71a4d9425b8db917934f8
Според Трајков, соработката се базира врз принципот на фер односи, односно заемна помош, доверба и поддршка. „Попова кула“ соработува со околу 50 лозарски семејства, од кои секоја година го откупува грозјето. Има и свои лозови насади, меѓу кои се одгледува и величествената „станушина“. Секоја година го исплаќаме грозјето во септември или октомври. Понекогаш имаме и финансиски проблеми поради таквата практика, но за нас лозарот и неговата егзистенција се светост. Дури и ако падне град и му уништи дел од родот, сепак не го напуштаме и му го откупуваме остатокот. Затоа и кооперантите ни враќаат со доверба. Таквиот фер однос дава долгорочност во работењето. Кога прашањето на егзистенција на лозарите им е решено, се концентрираат на квалитет. Виното се раѓа во лозјето. Но, како што рекол Бенџамин Франклин, доброто вино се раѓа и завршува со насмевка. Ако лозарот е тажен додека го обработува лозјето, на масата ќе добиете само тага. И обратно – објаснува Трајков.
Амбасадорите чести гости
Речиси и да нема амбасадор кој досега барем еднаш не престојувал тука и не уживал во вината. Листата е премногу долга за да се набројат сите места од каде што имало гости – сите европски земји, Америка, Австралија, Канада, Јапонија. Многу од нив престојувале во некој од четирите апартмани или седум соби што ги нуди хотелот на „Попова кула“. Тие се приказна за себе. Сите соби се именувани според одредена сорта вино и уредени во таква боја – каберне совињон, прокупец, вранец, темјаника, шардоне, жилавка… Главниот апартман, пак, го носи името „станушина“ или македонско девојче и најчесто е наменет за младенци кои таму ја поминуваат првата брачна ноќ. Македонската традиција е претставена во секоја од собите преку некој ситен детаљ, кој идеално се вклопува во модерниот стил.

8691f55c2f67604cac5608de6053477a
Љубовта кон виното е изрежана и во камените ѕидови во ходникот. На едниот има камен во облик на срце, а на спротивниот симбол во облик на лозов лист како потврда за винската приказна која тука им се „продава“ на посетителите. Но, приказната во „Попова кула“ не се врти само околу виното. Гостите може да уживаат и во ретката и неверојатна глетка на мршојадци кои се гнездат во карпите во близина. Два од четирите типа преживеани мршојадци во Европа се гнездат токму во карпите кај Демир Капија. Тие што имале среќа да присуствуваат на таква глетка раскажуваат дека е величествена. Мршојадците се вивнуваат на небото без воопшто да замавнат со крилјата, носени само од воздушните струи. Среќниците раскажуваат дека изгледаат како да лебдат и да поминуваат неколку километри без ниту едно замавнување.

1313534354351
Најубавата глетка на оваа несекојдневна појава се простира од највисокиот дел на винарската визба, врвот на кулата, каде што се наоѓа собата за дегустација. Уредена во традиционален македонски стил, со ниски масички и долги миндери, просторијата нуди интимно уживање во виното и наздравување со познатото за арно, за убаво. Поминав шест месеци низ Тиквешијата барајќи ја најдобрата локација за винарница. Нема ритче на кое не сум се качил по два пати, во различни годишни времиња. Но, само за оваа локација имав некое претчувство дека тоа е тоа. И не згрешив – вели Трајков додека ни ги покажува карпите каде што се гнездат мршојадците. „Попова кула“ нема масовно производство и токму затоа се обраќа посебно внимание на секое шише вино. Тоа знае да се оддолжи со прекрасен вкус и позитивна енергија, кои ја заокружуваат винската приказна што се „продава“ во винарницата.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *