Запознајте ја винарницата „Здјеларевиќ“

На само 11 км од автопатот меѓу Загреб и Славонски Брод се наоѓа местото Бродски Ступник, каде што е сместена винарницата Здјеларевиќ. Таа е прва приватна винарница во Хрватска. По примерот на сличните објекти во винските регии во Европа, винарницата ги отвора вратите на неоткриениот свет на славонските вински тајни. Винарницата „Здјеларевиќ“ е основана во 1985., а квалитетот што го нуди ја сместува во групата на најдобрите. Со површина од 35 хектари лозје произведува над 250.000 шишиња вино годишно. Во производството се застапени разновидни сорти на бело вино, како грашевина, рајнски ризлинг, шардоне, шевињон, манзони, а од црвените вина мерло и црн пинот. Многу од вината на Здјеларевиќ се добитници на престижни награди, а семејството особено е гордо со оние добиени во Франција.

Лозјата не бараат господар, туку слуга!

 

Од Давор научивме многу за вината, како и за потенцијалот на винските регии. Секоја винска регија, на пример, има свој потенцијал. Далмација е ограничена на црните силни вина, додека Славонија има потенцијал во одгледување различни вински сорти. Порано во Славонија се одгледувале само белите сорти, но семејството Здјеларевиќ ги покренало и црните сорти. А колку е исплатлив винскиот бизнис?

2

Во Хрватска постои поговорка што важи за сите земји, а вели вака: лозјето не бара господар, туку слуга. Давор се согласува со ова, а и неговата сопруга Вишња, која тврди дека работи и по 12 часа. Вишња се грижи за изгледот и здравјето на лозјата, а за грижа има дури 33 хектари. Давор пак е креатор на вино, експерт е во тоа.
„Тоа е како сликар што употребува бои. Ако пред мене и пред вас ги имаме истите бои, ние нема исто и да нацртаме“, вели Давор.
Винарскиот бизнис бара многу голем ангажман, волја, знаење и капитал во денешно време. Технологијата е скапа и постојано напредува.

3
Најлуксузното вино од Здjеларевиќ

„Најлуксузно е она вино во кое е внесена најголема креативност, најмногу труд и најмногу знаење“, вели Давор Здјеларевиќ. Тоа е гран куве, направено со комбинација на две или повеќе сорти. Во малопродажба може да се купи за околу 25 евра, додека во рестораните чини 50 до 60 евра. Но Здјеларевиќ се познати и по своите бели шардоне и севињон, во кои се спојуваат два дијаметрално спротивни карактери во виното. Така се добива вино со широки димензии и впечатлив вкус и мирис. Мешањето на виното доаѓа со практиката и искуството, на некој начин и со инспирацијата да се направи нешто поинакво, уникатно. А токму таквото креирање на вино е исто како и сликарството. Земаш бои, па сликаш.

4

За македонските вина

Давор и Вишња навраќаат во Македонија најмалку двапати годишно. Тука имаат многу пријатели, главно винари, а од македонските вина ги дегустирале речиси сите. Им се допаѓаат вината на „Камник“, „Пивка“, „Попова кула“, „Бовин“… Нашите вина ги сметаат за сериозни, со голем потенцијал, односно тие ја доживуваат Македонија како една винарска земја.
„Веројатно, поради големите производства на вина, изобилството и конкуренцијата со цените, производителите се присилени своите вина да ги даваат на пазарот во таков облик што не го претставува во потполност квалитетот, а јас одговорно тврдам дека во Македонија постојат вина што им се конкурентни на француските“, вели Давор.
Овој перфектен познавач на вината за оние што ќе побараат од него врши и дегустација и презентација по цена што е многу прифатлива за секој намерен или залутан гостин. Верувајте дека дегустацијата на вината со нивниот креатор е сосема поинаква од онаа што би можеле сами да ја изведете.
Според Давор, основните познавања за виното може да се добијат за неколку часа, при само една дегустаторска тура. Се разбира, ако имате добар учител до себе.

5

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *