Странските вина се пијат од љубопитност

Македонско или увозно вино? Прашање на вкус, но и на љубопитност. Македонските граѓани се’ повеќе сакаат да пробаат странски вина, иако домашните брендови се неприкосновени на пазарот. А, во моментов изборот пред нас е навистина голем. Иако Македонија е винска земја со долга традиција на производство и на консумација, во последно време во нашите продавници се’ почесто се среќаваме со вина од целиот свет. Македонските вина се најдобро прифатени, направени според нашата традиција и за нашиот вкус, но многумина со авантуристички дух сакаат да пробаат и нешто ново.

Приказните за винските полиња во Јужна Америка, Австралија, Јужна Африка го надополнуваат сето она што веќе го знаеме за виното од Франција, Италија или Шпанија. Новите брендови се и на рафтовите од нашите маркети, на дофат на раката на секој љубител на вино.

hro_42-27136028

Изненадувачки големата побарувачка на увозно вино во последната година ги поттикнала маркетите „Рамстор“ да го зголемат асортиманот. Најчесто се продаваат вината произведени во Франција и во Италија. Сепак, потенцираат во „Рамстор“, од една страна странските вина се пробуваат првенствено од љубопитство, или можеби заради мода, а од друга страна, продажбата на домашното вино е несмалена. Напротив, фокусот на домашниот потрошувач секогаш е насочен кон нашите брендови.

Шансата да се проба вино од новите вински дестинации Чиле, Аргентина, Австралија или Јужна Африка е можност да се надгради вкусот и знаењето, велат нашите љубители на вино. Бидејќи винската култура, пред се’, е знак на отменост и префинет вкус. Сега имаме поголем избор во домашните маркети, па престижот да се дојде до француско или вино од Италија или Шпанија, сега се прошири на уште подалечни пазари.

A3G705 France Champagne Champagne Vineyards Near Epernay

Во маркетите низ земјата може да се најдат и „Јелоу теил“ од Австралија, „Голден каан“ од Јужна Африка или „Санта диња“ од Чиле, заедно со „Мондоваи“ од Калифорнија, шпански „Торес“ или француски „Шаблисиен“. Цените се различни, но достапни за нашиот џеб и се движат од десетина до дваесет евра за едно шише.

 

Македонија лани увезла над 900 тони вино за кои се потрошиле околу 3 милиони долари. Според податоците од Стопанската комора на Македонија, најмногу вино влегло преку Хрватска, 618 тони, од Франција 21, а од Чешка 91 тон, за кои сме платиле 2,5 милиони долари. Преку Словачка сме увезле 173 тони странско вино за 140.000 долари. Пенливо вино, или популарното шампањско, дошло од Франција и Италија. Лани сме увезле 25 тони за 248.000 долари.

Вината од новите вински дестинации Јужна Африка или Австралија, Нов Зеланд, или Латинска Америка пред 30-ина години беа целосно непознати на светскиот пазар. Први направија пробив, покрај традиционалните производители, Франција, Италија, Шпанија и Португалија вината од долината Напа во Калифорнија.

australia-wine-section

Денеска, вината од новиот свет претставуваат 15 проценти од вкупните светски лозови насади, 22 отсто од светското винско производство и една четвртина од светскиот извоз. Најголем подем има Јужна Африка, која за пет години од 1995 до 2000 го зголемила производството за 125 отсто. Аргентина во истиот период напредува за 73 отсто, Чиле за 160 отсто, САД за 96 отсто. Сите земји произведуваат огромни количини и се извозно ориентирани, но се’ уште не можат да го урнат монополот на четирите најголеми производители, кои и натаму држат половина од светското производство.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *