Доживејте идилично зајдисонце со врвно вино на сред Тиквешијата

Виното само по себе е приказна, а најмногу лична. Ова е приказната за винарската визба „Попов“ и нејзините идилични вина за идиличните зајдисонца.
Како ја замислувате вистинската идила? Може и вака: на крајот на селото винарска визба. Ова е можеби наједноставниот опис на винарската визба “Попов”, сместена во срцето на Тиквешијата, на работ од селото Сопот, меѓу Неготино и Кавадарци. Зад винарската визба е селото, а пред неа се лозовите насади. И секако едно од најубавите зајдисонца што можат да се видат во овој дел од земјата. Токму поради фасцинираноста од прекрасните сопотски ноќи, и дегустирањето квалитетно вино во нив, едно од вината на Визбата се вика “Вила Луна”.
Иако почетокот може да се лоцира многу порано, приказната на винарската визба “Попов” реално почнува во 2001 година, кога семејството Попови, се јавува на еден оглас и купува 12 декари лозје, темјаника. Сопственикот на Визбата Владислав Попов, во деловниот свет познат, пред се, како сопственик на фирмата “Неоком”, меѓу пријателите е одамна познат како голем љубител на виното. Неговата сопруга Зоја Попова е сопственик на претпријатието “Вин Арт”, еден од првите увозници на ексклузивно вино во Македонија. Самиот Попов вели дека со својата работа имал можност повеќе од три децении да патува низ светот и да ги дегустира светските вина, така што дошло време од дегустација да се помине кон производство на сопствено вино.
Објектот на Визбата, иако како што вели Попов, има уште многу да се работи на него, е пуштен во 2003 година. Моментно Визбата располага со околу 12 хектари лозје, а планот е земјиштетот да се заокружи на околу 25 хектари. Полниот капацитет на Визбата е 200.000 шишиња, а годишното производство е околу 120.000 шишиња. Визбата произведува 12 етикети вино, кои допрва почнуваат да го освојуваат пазарот. Се предвидува палетата да се збогати со уѓте две етикети.
Она што можеби најмногу ги возбудува посетителите на Визбата е барикот, односно бурињата во кои се чува виното. Значи, црното вино на “Попов”, исклучиво се чува во буриња и таму, во зависност од видот на виното одлежува најмалку 12 месеци. Од црните вина имавме можност да ги дегустираме Мерлото, кое минатата година, во конкуренција на повеќе од 5.000 вина, доби бронзен медал на светското натпреварување Challende du monde во Бордо, Франција, натпревар кои се смета за еден од најпрестижните во светот на винарството, и Вранецот, берба 2004. За вкусовите и винарските вкусови, секако, не треба да се расправа, но токму “тешката” арома на Вранецот беше оној момент што ги натера потписниците на овие редови да му дадат мала предност пред светски признаеното Мерло. Визбата се гордее и со своите бели вина, особено на Мускатот (темјаника), кој го доби сребрениот медал на најголемото светско натпреварување на мускатни вина во Фронтињан, Франција. Тука, по сопствен избор, авторите на текстов уште ќе го споменат “Розето”, едно од ретките македонски вина што се прави по вистинска технологија за розе вино. Инаку, станува збор каберне совињон плус околу 15 проценти станушина, што навиното му дава особена леснотија и питкост. Конечно, како што вели и самиот Попов, виното самото по себе е приказна, а најмногу лична. Секој автор на едно вино (зашто производителите на вино не се индустријалци, туку еден вид уметници) во него става дел од себе, од своето знаење, но уште повеќе од својата љубов. Секое мерло е различно и секое носи печат, не само на регионот од каде што е лозјето, туку и од духот на неговиот производител. Владислав Попов вели дека секоја година по нешто учи, дека приказната за производство на виното никогаш не може да се затвори. Иако, егзистенцијата не му зависи од винарската визба, Попов ова свое скапо хоби го гледа и како бизнис, но вели дека првите финансиски бенифити од неа може да ги очекува дури десетина години по нејзиното пуштање. Сега се работи на технолошко проширување, пред се обезбедување место за повеќе буриња, а ќе се прави и Винотека која што ќе ги претстави брендовите на останатите винарски визби од тиквешкиот регион.

popov1
Во суштина винарската визба “Попов” се наоѓа во средиштето на таканаречениот тиквешки вински пат, што одново го актуелизира прашањето на винскиот туризам. И Попов смета дека оваа гранка може бргу и силно да се развие, но мисли дека најдобро би било кога во тоа би се вклучиле локалните жители. Со други зборови, винарската визба “Попов” е еден вид стожер на животот во Сопот, така што веќе има најави дека таму ќе се направат неколку пансиони, кафеани и слично… што би требало да донесе полза на целото село, а не само на Визбата.
Другата карактеристика на винарската визба “Попов” е во производството на таканареченото органско вино. Тие се практично пионери во овој тренд на производството на храна (зашто, нека простат пуританците, виното не е божји пијалок, туку божја храна), што подразбира не само еколошки третман на лозјето, туку и начин како се третира земјиштето, неговиот квалитет и слично. Конечно, за врвно вино е потребно врвно грозје.
Најголемиот проблем моментно во винарскиот бизнис, Попов го гледа во недостиг на стручни кадри, пред се’ енолози и технолози. Во таа насока се размислува за сопствено креирање кадри (стипендирање на образованието на млади луѓе кои би работеле на производството на вино), но се размислува и за поттикнување на општата винска култура во земјата, зашто задолжението на сегашните винарски визби не е само да произведуваат вино, туку да го зголемат стандардот на квалитетниот живот во земјата. Пивото и ракијата тешко се победуваат.
Сепак, основната ориентација на Визбата е меѓународниот пазар. Попови се оптимисти, иако се свесни дека за еден посериозен пробив во силната конкуренција е потребно многу вложување, сериозна соработка меѓу винарските визби, но и соработка со државата, пред се’ во олеснување на административните пречки кои во винарската индустрија, за жал, постојат.
Винарската визба опстојува на идејата за брендирање на македонското вино, како препознатлив квалитет во светски рамки. Волјата, љубовта, вербата му докажуваат и на случајниот посетител дека е тоа можно.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *