Мелничкото „вино на Черчил“

Прочуеното мелничко вино, густо и темно, кое, како што велат познавачите, се издвојува по својата полнота и букетот од специфична арома, било омилениот пијалак на славниот британски државник Винстон Черчил. Тој купувал по 500 литри годишно од него, а до пред неколку години вино со името на Черчил, или попознато уште како „виното на Черчил“, се произведувало во винарницата „Дамјаница“ од Мелник.
Оваа интересна приказна ја знаат многумина во Бугарија, а ја прераскажуваат жителите од мелничкиот регион во Пиринска Македонија. Иако за неа нема сигурни докази, тие веруваат дека е вистинита, со оглед на тоа дека бугарското винарство со векови наназад било претставувано токму од мелничкото вино, кое, пак, било привилегија на трпезите во замоците на венецијанската, шпанската и француска аристократија.
– Виното од „широката мелничка лоза“ има ретки биолошки својства и со векови се извезувало во најпознатите европски градови заради што може да се верува дека му било омилено и на големиот британски државник – тврди Благој Русев, еден од сопствениците на винарницата „Орбелус“, специјализирана за органско производство на вина.
Десислава Дончева од здружението „Евроинтегра“ од Софија, кое работи на афирмација на винскиот туризам на Бугарија, ни ги објаснува деталите за прочуената „широка мелничка лоза“ како и винарниците и винарските визби, инспирирани од приказната за Черчил. – Оваа сорта успева само во мелничкиот регион, каде што климата е сончева и сува. Имало обиди таа да биде култивирана и во други региони, но сите биле безуспешни. Неверојатниот успех на мелничкото вино се должел на неговото успокојувачко блаженство, соединето во букетот од рубинова полнота, тенок мирис, блага горчина и густина. За него велат „и да го пиеш и да го џвакаш, вино од крв и месо, вино во крпа да го носиш“. Него го претпочитале и најпрефинетите љубители на европската аристократија, така што не е неверојатно токму тоа да било омиленото вино и на Черчил – објаснува Дончева. Таа на македонските претставници од Регионалниот центар за соработка „Спектар“ од Kрива Паланка, со кои заедно го реализираат проектот „Прекугранично производство на вино“, финансиран преку ИПА-програмата, им ги претстави винарниците и регионот во кој се одгледува прочуената лоза и се произведувало виното на британскиот државник. Патот го почнавме од една од најстарите и најпознати винарници „Дамјаница“ од Мелник. Во приказната за омиленото вино на британскиот премиер, сопствениците виделе вистински предизвик и почнале да произведуваат вино под брендот „Черчил“. – Черчил секоја година купувал по две буриња од старото мелничко вино од селото Хрсово – раскажуваат жителите. Тој не се одрекол од својот омилен пијалак, дури и за време на Втората светска војна. – Тоа не поттикна да почнеме производство на нов бренд наречен „виното на Черчил“, кое се произведуваше до пред неколку години. Се правеше од уникатната сорта „широка мелничка лоза“, со усогласена примена на современа технологија и вековната традиција на највинскиот регион – мелничкиот. Секако, самото име ги привлекуваше љубителите на рубиновата течност – вели главниот винар во „Дамјаница“, Иво Трајков.
И во винарската визба „Вила Мелник“, која се наоѓа на неколку километри од истоимениот град, во селото Хрсово, кое е едно од најпрочуеното по одгледување на широката мелничка лоза, веруваат дека токму од овдешните стари сорти се правело виното, кое го обожавал Черчил. – Пред 4 години собравме од изоставените лозови насади покрај патот, кои се напуштени уште во 70-тите години од минатиот век. Посадивме еден декар и, не во визбата, туку дома, направивме вино околу 100 литри. Се изненадивме колку беше густо и темно. Се надеваме дека токму тоа е виното на Черчил, па сега ги прошируваме насадите со оваа стара сорта, која планираме да ја вклучиме во производството – вели сопственичката Љупка Зикатанова.
Во градот Мелник, пак, велат дека Черчил се снабдувал со легендарното вино од најпозната винарска фамилија Kордопулос, во чии подземни винарски визби од најголемата средновековна сочувана куќа, која е претворена во музеј, и денес се произведува вино. Овде со столетија се преработувале и се чувале до 250 илјади литри од прочуеното густо и темно мелничко вино, наменето за извоз, а последниот наследник Манол Kордопулос, кој бил технолог за винарство со француска диплома, бил предводник на мелничките винари. Токму во една од многубројните мелнички винарски визби го пронајдовме и најверојатно последниот примерок од „виното на Черчил“. Сопственикот на винарската куќа „Чинарите“ ни објаснуваше дека има интерес за ова вино, но кога побаравме друго шише наместо изложеното, рече дека тоа е последното. Откако слушна, пак, дека повеќе не се произведува и дека не успеавме да го пронајдеме во другите винарски куќи, го повлече од продажба во сопствената колекција на вина.
Тајната на легендарното мелничко вино протекувала во студените и темни мелнички визби, кои биле основниот технолошки гарант за квалитетот на винопроизводството. Се транспортирало во козји мевови по сувоземен пат и во буриња за прекуморска трговија. Во 1889 година познатиот Манол Kордопулос ги предводел мелничките винарници на Големата светска изложба во Париз. Но, задоцниле и добиле место дури на крајот на изложбата, каде што биле незабележителни. Бугарскиот гајдаџија Kоста Раданов, сакал да им помогне на своите сонародници, па зел еден мал јарешки мев, го наполнил со вино и го пикнал во гајдата. Застанал пред Ајфеловата кула и почнал да свири, а во паузите точел по една чаша вино од мевот и ги нудел слушателите. Гајдата со вино станала сензација на саемот, исто како и виното, а гајдаџијата им раздал на посетителите визит-картички од мелничките производители. Тогаш Kордопулос најавил дека добил толку многу порачки што не ќе може да се испорачаат дури и од неговите правнуци во следните 184 години. Истовремено, цврсто одбил да го зголеми производството, свесен дека малото количество ја одржува високата цена на прочуениот мелнички пијалак.
Во винарницата „Дамјаница“ се произведува вино „ничија земја“, кое било инспирирано од забранетата зона, со ограда со боцкава жица, на граничната линија на Бугарија со соседните земји, која ги делела световите на социјализмот и капитализмот. – Идејата дојде од еден новинар од Би-би-си од Лондон, кога праша чија е територијата крај границата. Му реков ничија, а тој одговори дека тоа би било многу убав бренд. Ја регистриравме како трговска марка и првата реколта вино ја направивме во 1998 година од старите лозја, кои слободно растат на таа ничија земја. На пазарот првпат излезе во 2000 година, денес имаме повеќе видови од ова вино, освоено многу награди на меѓународни саеми и тоа се едни од најпознатите марки вино – вели Иво Трајков. Тој појаснува дека виното го добило името пред истоимениот оскаровски филм на босанскиот режисер Денис Тановиќ.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *