Започна второто издание на Алшар 2017

Денес и официјално започнува второто издание на најголемата outdoor авантура, Алшар 2017 во која во наредните три дена неколку илјади вљубеници во природата, велосипедизмот, планинарењето, планинското трчење, забавата и дружењето од сите краеви на земјата ќе го допрат сонцето и ќе ја осознаат тајната за настанокот на светот.
Мистичноста на рудникот Алшар, тајната која ја крие лорандидот, но и прекрасната природа на Кожув планина надополнета со одличната организација на најбрзо растечкото активистичко здружение во Македонија, Тиквешки точакџии се само дел од причините селото Мрежичко да биде центарот на сите случувања во Тиквешијата овој викенд.
Според програмата, денешниот ден е предвиден за пристигнување на учесниците во кампинг зоната. За сите оние кои уште денес ќе ги постават шаторите организиран е концерт на КУД „Тиквеш“ од Кавадарци и настап на групат Чардак. Утре, сабота, 10 јуни, ќе се возат крос мотори, ATV и теренски возила низ патеките на Алшар, организирана е факултативна посета на Темната пештера, за потоа да следат слободни активности за сите учесници и демонстрација за одржување на велосипед на Илија Стамаџиев и мајсторот за велоспидени, Рипата. Во вечерниот дел од настанот свои настапи ќе имаат DJ Славе Келешовски, локални диџеи и Smoke Shakers, а ќе бидат премиерно прикажани и воведните епизоди од серијалот Време за кавадаречки хумор, време за лакардиите на Паја во продукција на РТК.мк
Официјалното отворање на Алшар 2017 е закажано за во недела, 11 јуни во 10 часот. Како што веќе информиравме, годинава стартот ќе го означи македонската автомобилска легенда, Игор Иџе Стефановски, за веднаш потоа да започнат големата велосипедска, средната и малата велосипедска тура, големата и малата планинарска тура со планинарското друштво Орле, како и стартот на планинско маратонското трчање со Меридијан атлетик клуб. Пристигнувањето на првите учесници е предвидено за во 14 часот, по што ќе следи заеднички ручек и забава и извлекување на награди.
Поради преголемиот интерес, стартен пакетите ќе се продаваат и во фестивалската зона во Мрежичко. Дополнително, за сите оние кои што сакаат да бидат дел од авантурата наречена Алшар 2017, и веќе го имаат купено својот пакет, компанијата Екстра бус обезбеди бесплатен превоз до Мрежичко. Тргнувањето е предивдено во недела, 11 јуни, во 6 часот и 30 минути од градскиот плоштад во Кавадарци.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *