Белградската елита воодушевена од вината на „Стоби“

Македонската традиционална храна и врвните вина на винарницата „Стоби“, изминатиот месец беа единственото нешто што можеше да се најде на менито на елитниот ресторан „Ковач“ во Белград. Во овој ресторан се одржуваше манифестацијата „Денови на македонската традиција“ преку која се промовираа храната од земјава и најквалитетните вина од Македонија. Домаќин на оваа традиционална манифестација годинава беше „Стоби“ во соработка со познатиот белградски ресторан.
Манифестацијата „Денови на македонската традиција“ во Белград привлече голем број гости, љубители на македонските вина и храна. Голем број амбасадори, пејачи, актери, бизнисмени, политичари, книжевници, беа само дел од посетителите на ресторанот „Ковач“, кои уживаа во гастрономските специјалитети на познатиот македонски шеф Влатко Огненовски, кого винарницата „Стоби“ специјално го ангажира за да го осмисли менито за целиот настан. На менито во ресторанот „Ковач“ минатиот месец најактуелни беа различни македонски деликатеси како пинџур, галичко сирење, питулици со праз, модерно тавче гравче, охридски сарми, зајак во сос од дојрански маслинки, кочански ориз со нане, модерна македонска салата, приготвени од Огненовски. Извонредната храна беше дополнета со врвните вина на „Стоби“, меѓу кои се и вината од ексклузивната линија „Приватна резерва“, кои се закитија со највисоки признанија на повеќе натпревари низ светот.
Хедонистичкото патување низ македонската традиција почна на свеченото отворање на 8 мај, кога ВИП-гостите, освен во вкусната храна и премиум вината на „Стоби“ уживаа и во изворната музика во изведба на македонската група „Љубојна“. Манифестацијата свечено ја отвори амбасадорката на Македонија во Србија, Вера Јовановска-Типко, која нагласи дека ништо не го отсликува толку добро духот на Македонија како нејзините вина, храна и музика.
Од „Стоби“ се многу задоволни од одзивот и од интересот на жителите на Белград за „Деновите на македонската традиција“, како и од големиот број позитивни коментари што ги добиваат за своите вина.

– Манифестацијата наиде на многу голем одзив, а задоволството и воодушевувањето на посетителите во ресторанот беше огромно. Добиваме многу пофалби и прекрасни зборови за целата организација што ни докажува дека сме го избрале вистинскиот начин за да ја промовираме македонската традиција во Србија. Среќни сме што имаме можност на луѓето во Србија, но и на многубројните странци што престојуваат во земјата, да им ја приближиме македонската гастрономија збогатена со врвните вина од нашите линии – вели Ана Јорданова, главна винска уредничка во винарницата „Стоби“.
Со промоцијата на вината на „Стоби“ од линијата „Приватна резерва“ на „Деновите на македонската традиција“ продолжува успешната регионална презентација на премиум линијата, која се одвиваше во ноември минатата година. Доказ за успешната регионална промоција на вината од оваа линија се двата сребрени и двата бронзени медали, кои неодамна ги освои „Стоби“ на Балканскиот интернационален вински фестивал во Софија. Со сребрен медал се закитија вината од линијата „Приватна резерва“, „вердо“ 2012 – 100 отсто вердо-барик и „аксиос“ 2013 – 100 отсто сирак-барик, додека бронзен медал добија вината „веритас“ 2013 – 100 отсто вранец барик од линијата „Приватна резерва“ и „класик ’ркацители“ 2016 – 100 отсто ’ркацители.
– Со успешното претставување на премиум вината и во другите земји, „Стоби“ ја зајакнува својата позиција во регионот како една од водечките винарници што доаѓаат од Македонија – велат во винарницата.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *