Досега откупени 16 милиони килограми грозје

Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство заклучно со 5ти овој месец, откупени се околу 16 милиони килограми грозје, од кои најголемиот дел се од сортите вранец и смедеревка, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, кој денеска е во посета на Кавадарци на обележувањето на традиционалната манифестација во чест на грозјето и виното „Тиквешки гроздобер“.
Тој им порача на лозарите дека грозјето од годинешната реколта ќе биде целосно откупено од винарските визби, а исплатата за откупеното грозје ќе се реализира според законските одредби и прописи.
Николовски рече дека Државниот инспекторат за земјоделство ги зајакнува контролите на откупните пунктови на грозје, сè со цел да нема манипулации со откупните цени.
„Годинава поради лошите временски услови односно поради измрзнувањето на лозјата, се очекуваат намалени количини на произведено и на откупено грозје. Свесни сме за лошата состојба во лозарството и винарството поради климатските промени кои значително влијаат врз родот, но и за битката на винарските визби во освојувањето на пазарите со конкурентни цени и висок квалитет. Како нова Влада, сериозно и посветено како и досега ја следиме состојбата на терен со откупот на грозје и навремено ќе делуваме“, рече Николовски.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *