И Битола доби своја винарница со вински ресторан и сместувачки капацитет

Во селото Брусник под Пелистер, во близина на Битола, во средината на септември беше отворена новата винарница „Чифлик”. Станува збор за сериозна инвестиција и проширување на дејноста на „Беба-пром”, фирма во сопственост на семејството Стојчевски од Битола, кое ја продолжува едновековната семејна традиција на производство на вино.
Во новата винарница „Чифлик”, според зборовите на сопствениците, вината се произведуваат од високо квалитетно грозје од тиквешкиот регион, кое се одгледува на лозјата на само еден лозар, со цел да се обезбеди врвен квалитет.
Моменталниот асортиман на вина, правени според семејни рецепти чувани со генерации, опфаќа четири бели (Темјаника премиум, Темјаника класик, Совињон блан и Шардоне) и две црвени вина (Каберне совињон и куве Амброзија) во пакување од 0,75 л.

20767730_254037618437900_6798745698345572194_n
Во рамки на комплексот на винарницата има и вински ресторан, како и мотел со сместувачки капацитет за околу 30 гости. Целта ни беше да направиме нешто уникатно, нешто што го нема во Битола, со цел на градот да подариме една поинаква содржина, притоа искористувајќи ги природните богатства за да го развиеме винскиот туризам и воопшто туризмот во нашиот град, вели Филип Стојчевски, сопственик на „Чифлик”.

Во продолжение Стојчевски нагласи дека продажбата на вината на винарницата за почеток се планира да се одвива само преку нивниот вински ресторан, во рамки на самата винарница, а подоцна, кога брендот локално ќе се етаблира, би ги дистрибуирале и во селектирани трговски и угостителски објекти.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *