Винаријата „Стоби“ ги отвори првите пет специјализирани продавници за вино во Кина

По огромниот успех што го постигнуваат на пазарите во Европа, САД и Русија, вината на винаријата „Стоби“ го освојуваат и кинескиот пазар. Во соработка и со голема посветеност на партнерот на Стоби Винарија за кинескиот пазар, компанијата “STOBI ( Shenzhen) International Wine. Co. Ltd”, вината на СТОБИ се продаваат во пет специјализирани продавници на брендот „стоби“ во неколку градови во Кина. Петтата таква продавница наменета исклучиво за продажба на вината „стоби“ беше отворена неодамна во кинескиот град Фужу со голема свеченост, за време на посетата на менаџерскиот тим на македонската винарија на оваа азиска земја.
Отворањето на специјализираните продавници „Стоби“ во Кина наиде на голем интерес од локалните медиуми, имајќи го предвид огромниот и развиен вински пазар во оваа азиска земја каде што особено се ценат црвените вина кои се и најбарани. Токму квалитетните црвени вина на „Стоби“ ги задоволија вкусовите на кинеските потрошувачи, така што потрошувачката на овој вински бренд во Кина достигнува речиси 1 милион шишиња вино во текот на тригодишната соработка.

За време на десетдневната посета на Кина, основачот на винаријата „Стоби“, Минчо Јорданов, потпиша нов петгодишен договор со неговите тамошни партнери за продолжување на соработката. Со тоа и во следните пет години ќе продолжи интензивната промоција и широка презентација на квалитетните вина на „Стоби“ на кинескиот пазар.

2
Благодарение на поддршката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во организација на Винската асоцијација на Македонија, заедно со другите македонски винарии, вината на „Стоби“ во Кина беа претставени и на најпознатиот интернационален вински саем „Провајн Шангај“ (Prowine – Shanghai). Ова е еден од најценетите вински саеми во светот, на кој изложуваат најугледните вински производители од сите континенти. На годинашното издание на „Провајн Шангај“ учествуваа речиси 700 производители, увозници и дистрибутери на вино од 39 земји, а саемот имаше над 14.000 посетители. Во таква силна конкуренција, вината на „Стоби“ на овој саем привлекоа многу големо внимание и ги освоија симпатиите на присутните.
Во истиот период, локалниот дистрибутер на вината на „Стоби“ во Кина организираше презентации со дегустација на вино во градовите Вуши, Фужу, како и во градовите Жонгшан и Шенжен каде што веќе има отворени специјализирани продавници на „Стоби“, за кои љубителите на виното покажаа многу голем интерес.

– Вината на „Стоби“ во моментов може да се најдат во неколку кинески градови. Тоа значи дека се присутни на огромен пазар имајќи во предвид дека секој од овие градови има по шест, седум, па сѐ до 25 милиони жители. Но, нашите планови за експанзија на азискиот континент не застануваат тука. Следни градови каде што е планирано да се отворат специјализирани продавници на „Стоби“ се Шангај и Пекинг. Освојувањето на кинескиот пазар е нов предизвик за винаријата, кој следи по успешното етаблирање на европскиот, на пазарот во САД и Рускиот пазар – вели Ана Јорданова, сопственичка на винаријата „Стоби“.

4
Таа потенцира дека се многу горди на постигнатите резултати на кинескиот пазар.

– Промоцијата и успехот на една винарија ѝ ги отвора вратите на целата македонска винска индустрија, но истовремено и ја поттикнува промоцијата на Македонија како винска регија која може да се етаблира и конкурира на сите други светски вински дестинации – вели Јорданова.

3
Во моментов, вината на „Стоби“ се присутни на европскиот пазар во поранешните југословенски држави, соседните балкански земји, Холандија, Данска, Велика Британија, Германија. На пазарите на другите континетни, освен во Кина, „Стоби“ е присутен и во Јапонија и САД. Плановите на винаријата се да ги зацврсти своите позиции на пазарите каде што е присутна, како и да ја интензивира промоцијата на висококвалитетните вина на светските вински натпревари на кои редовно освојува највисоки признанија.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *