Винската приказна на vinotika.mk од Винодонија 2017

Препозанавајќи го потенцијалот за промоција на виното и винската култура во Република Македонија, организаторот на второто издание на еден од најважните вински настани во Македонија, винскиот салон „Винодонија“ му ја довери улогата на еден од главните промотори на настанот на специјализираниот портал за вино и вино култура www.vinotika.mk.
Следејќи ги интензивно сите предвидени настани со стручен тим од искусни новинари и фотографи, тимот на www.vinotika.mk му го отстапи целиот свој медиумски простор на винскиот салон Винодонија, информирајќи и во исто време уживајќи во настанот за кој лесно можеме да кажеме дека е најважниот вински настан кој се случува во земјата.
Петок, 1ви декември, градски плоштад Скопје, хотел „Мериот“. Гламур и убавина, нешто што оддамна го заслужуваше секој љубител на убавата капка од божјиот пијалок. Во салонот со над 50 винарии кои ги изложуваа своите вина, од првиот штанд на кој со насмевки и нескриено задоволство што не гледаат добредојде ни посакаа фамилијата Наумчеви.

_DSC0007

…Пред било што да кажеме за винарија „Наумчеви“, спомените за првата соработка не враќаат повеќе од десетина години назад во времето. Тоа беа почетоците на винаријата „Наумчеви“ и првите обиди со љубов да се произведе по старите семејни традиции, вино кое еден ден ќе биде белег на еден од најупорните вино производители од Македонија, Ѓорѓи Наумчев. Од тоа време датираат и почетоците на www.vinotika.mk. Имено, препознавајќи ја желбата за тиквешкиот регион да се претстави пред светот со целата своја убавина и раскош, www.vinotika.mk работеше во првата пилот верзија на винската етикета (Нерон).

_DSC0005

Од тој момент, до ден денешен, винаријата „Наумчеви“ напорни работи на создавањето на една од најубавите македонски семејни вински приказни. На салонот „Винодонија“, уживавме заедно пиејќи вино и разговарајќи за идните планови и афирмацијата на винаријата. Со сигурност ќе забележиме дека еден ден, семејната винарија „Наумчеви“ ќе биде високо на пиедесталот на најубавите македонски вински приказни.

_DSC0010

Веднаш до „Наумчеви“ не дочекаа љубезните девојки кои ги промовираа вината на Корлат. Она што нас ни го привлече вниманието беше првиот Сирах кој го пробавме на овогодинешниот вински салон. Од далечните Калифорнија и Австралија, оваа сорта најде свое место и под балканското небо, па возбудата да се проба вино кое има вкус на црни плодови како црна рибизла, а неговиот прекрасен вкус не е само поради овошјето од кое се прави, беше голема.

_DSC0017
Винското патување продолжи до штандот на винарската визба Милев „Гоце Делчев – Тиквеш“. Убедливо најголемиот производител на грозје не само во Македонија, туку и на Балканот за само неколку години стана важен на играч и на винската мапа на Македонија.

_DSC0022

Со неколку изворендни вина обединети под брендовите „Суво горско“ и „Вирго“, ВВМ „Гоце Делчев“ се веќе препознатлива винарија со изграден стил, но она со што успеаа да го привлечат вниманието на буквално целата винска елита беше новото „Фиано“ кое од најјужните предели на винска Италија го донесоа на непрегледните плантажи на винаријата.

_DSC0023

Највисока оценка боемот нескриено и без двоумење му додели токму на овој вински новитет. Со една реченица: вкус кој долго останува после секоја голтка, полн со ароми на тропкси овошја и текстура на цветна медовина. Тоа е нашиот нов „Фаворит“, за кој сме сигурни дека целата земја еден ден ќе се гордее со него.

_DSC0021
Прошетката не одведе до штандот на винаријата „Лозар“, а токму таму не пречекаа нивните шампионски вина, златното Мерло Екселенс од 2013 година и Вранец Екселенс од истата година.

_DSC0029
За повеќе информации за винаријата која минатата година прослави половина век постоење, посетете ја нивната веб страница www.lozar.mk

_DSC0030

Винаријата „Попов“ беше нашата следна дестинација. И повторно, познати лица од Тиквешијата кои со своите вина многупати не направиле горди. Лоцирани во селото Сопот, во срцето на Тиквешијата, најдобриот регион за одгледување на винова лоза на целиот Балкан, винаријата „Попов“ во 2001 ја обновува семејната традиција на одгледување на грозје и производство на вино, за денес да одгледува внимателно одбрани лозови насади на површина од 45 хектари, и да произведува помеѓу 150.000 до 200.000 шишиња високо квалитетно вино годишно, меѓу кои се и Вранец Резерв, Каберне Совињон Резерв, Темјаника Смолник и Домен Вршник.

_DSC0045

Задоволството кулминираше со долг и исцрпен разговор кои и тоа како ја убеди екипата на www.vinotika.mk дека новиот бран на винопроизводители во Македонија е детално запознато со најновите светски трендови во производството на вино, што само по себе е гаранција дека производството на вина во Македонија има и тоа како светла иднина.

_DSC0040
Желбата да се врати од Русија во своето родно место, за да се освои престижниот руски пазар е главниот лајт мотив во приказната на винаријата „Вардарска долина“. Основана во 2000 година, винаријата која е лоцирана во неготинското село Курија секоја година произведува повеќе од 800.000 шишиња квалитетни вина од сортите Шардоне, Траминец, Мускат Темјаника, Вранец, Каберне совињон, Пинот ноар и Мерлот, кое најголем дел освен на рускиот го пласира на европските пазари.

_DSC0050
Гордоста на македонското вино, гигант од светски размери, икона на македонската вино култура, најголем репрезент пред светот, сонце и традиција кои датираат од далечната 1885 година. Едноставно, Macedonia’s finest.

_DSC0057

Елоквентни, секогаш подготвени за предизвик, оригинална приказна со векови, и вина изладени до идеална температура, беше впечатокот на нашата екипа од посетата на штандот на Тиквеш. Се друго, е само убава приказна. Уживајте во приказната на нивниот сајт www.tikves.com.mk

_DSC0053

Дека македонските фамилијарни винарии се дел од богатството на нашата земја ни потврдија и од винаријата Лазар. Фамилијарна бутик винарија која се наоѓа кај Градско, на стариот пат кон Скопје, ни понуди пет одлични вина од сортите шардоне, темјаника, пино ноар, кратошија и вранец, кои покрај своите одлични карактеристи, го комплетираат впечатокот со идеалното графичко решение на своите етикети кои ги даваат сите потребни информации за сите вљубеници во виното.

_DSC0067
По неколку текстови кои им ги посветивме, на Винодонија конечно се сретнавме со претставниците од винаријата „Вила Мал Свети Климент“, луѓе кои доаѓаат од поднебје кое е речиси анонимус во винскиот свет, но со ист ентузијазам и желба да произведат квалитетно вино.

_DSC0069

Приказната ја слушнавме во прво лице еднина. „Нашата желба да го споиме најдоброто што го има Македонија, преубавиот Охрид со македонското вино беше полн погодок. Сега сите наши гости од целиот свет имаат комплетна слика за Македонија, која ја раскажуваат и на нивниот веб сајт, www.vilamalsvetikliment.com

_DSC0080
Иако се повеќе познати по својот коњак, винаријата „Трајковски“ има вина кои и тоа како го привлекоа вниманието на винската јавност. Со лозови насади во близина на еден од најпознатите вински региони во Тиквешијата, Барово, во близина на селото Крњево, винаријата „Трајковски“ ја раскажува семејната традиција на производство на вино која е стара цели 95 години.

_DSC0086
Низата на мали, семејни винарии ја продолжи винаријата „Филовски“ која е лоцирана во атарот на неготинското село Прждево. Насочени во целост кон оддржување на високо ниво на квалитет, винаријата „Филовски“ се претстави со своите „Вранец“ и „Темјаника“ кои не останаа незабележани од бројните посетители на винскиот салон.

_DSC0089
Несекојдневна винска приказна слушнавме и на штандот на винаријата „Брзанов“ која освен сопствениците ја раскажуваа и нивните вина Каберне Франц Еликсир, Вранец Еликсир, Мерло Еликсир, Вранец Барик, Темпранило Ресерва и Темјаника.

_DSC0092
Сфаќајќи дека љувота се раѓа на прв поглед, винаријата Кувин е една од оние кои ги знаат сите современи маркетиншки трикови, па освен одлично подготвениот штанд, не освоија и со дизајнот на нивните шишиња кои чуваат вина кои имаат многу специфичности, и дефинитивно ќе Ве натераат да ги пребарате по рафтовите на подобро снабдените маркети.

_DSC0094
Дека и главниот град има многу што да каже во светот на виното потврдува и винаријата Картал. Со својот мал капацитет од 100.000 литри на годишно ниво, најсовремена опрема за преработка и зреење на виното и грижливо одбраното сортно грозје од скопското виногорје, винариајта Картал овозможува висок квалитет и уживање во секоја капка вино. Спојот на традицијата и науката е идеална комбинација која енолозите на винаријата ја претвораат во совршенство.

_DSC0096
На гости во топлата Македонија на врнежливиот први декември ни дојде и винаријата „Темет“ од Јагодина, Република Србија. Моќта на презентирањето на винската карта во детали беше распрскана како мозаик на љубов и вино култура.

_DSC0099

Секоја приказна на нивните промотори започнуваше со реченицата, традицијата е во земјата, иако нивната винска промоција пред светот е и тоа како модернистичка, и совршен пример за претставување на сите оние кои сакаат да го почуствуваат модерното вклопено во исконското и традиционалното. Највисока оценка за винарија „Темет“ бидејќи преку винаријата винскиот салон „Винодонија“ ја доживеа винска Србија.

_DSC0105

А кога сме кај модерното и ексклузивното, винската гордст на соврешеното време ја претставува винаријата Камник.

_DSC0106

Препознавајќи не, и радувајќи се на нашата посета на нивниот штанд, нашиот разговор се чинеше како да се познаваме со години. Дегустирајќи од нивниот најдобар бренд, Темјаника, разговорот го водевме во насока како младите генерации му приоѓаат на виното, и колку е важна улогата на винариите во градењето на винската култура, која е многу повеќе од мешање на бело вино и минерална вода.

_DSC0112

Времето на винаријата „Камник“ допрва доаѓа, не на балканскиот и европскиот, туку на светскиот пазар, а тоа го докажува нивниот пристап, нивната истрајност да ја раскажат целата сопствена приказна, и истата на крај да заврши со покана за посета на нивниот вински комплекс.

_DSC0111
Фамилијата Андови ја продолжува успешната сторија на винаријата Пивка. Со произодство на вина од сопствените плантажи, но и од виновите насади на проверени лозарски задруги. Широката палета на вина од различни сорти на грозје има загарантиран пласман на пазарите ширум Европа, па речиси и да нема земја каде не можете да купите Вранец, Мерло, Каберне совињон, Кадарка, Пино ноар, Вранец Барик, Вранец Премиум, Каберне совињон Премиум, Рајнски ризлинг, Шардоне, Траминец и Жилавка.

_DSC0113
Можеби најзвучното име од скопскиот регион, секако заедно со Каминик, винаријата Сковин со години претставува заштитен знак на скопското виногорје. Супербрендот кој своите вина ги продава во 18 земји на пет континенти, ја продолжува вековната традиција на производство на вино од Скопското виногорје, традиција која датира уште од древниот Рим, а официјално е реобновена од 1979 година.

_DSC0120
Честа на вината од некогашната братска Словенија ја бранеше винаријата Пуклавец енд Френдс. Тивко, нечујно, но сосема допадливо, како и нивните вина, Пуклавец енд Френдс ни ги понудија речиси сите вина од својата палета, од која нашата екипа остана воодушевена од нивниот Совињон Бланк. Ако некогаш сте на пат до Словенија, или случајно или намерно минувате низ неа, не заборавајте за миг да застанете за да уживате во единственото буке на Пуклавец енд Френдс.

_DSC0123
На југот од Македонија, во прекрасното Валандово, каде што грозјето и калинката водат љубов со векови, нивната кохезија ги прави токму валандовскиот регион единствени на светскиот пазар. Питомо, како валандовска мома, срамежливо, и на вториот вински салон, карактеристичните вина на винаријата „Валандово“ во целост го отсликаа духот на древноста на ова парче македонска земја.

_DSC0126
Од 1989 година, на македонскиот вински пазар е и градот Штип, пред се благодарение на вината од винаријата „Имако“. Брзорастечката винарија денес може да се пофали со широка палета на вина во различни едиции кои ги задоволуваат вкусовите и на најпребирливите вљубеници во виното.

_DSC0128
Гордоста на Долни Дисан, винаријата Венец е успешен егземплар на компанија која ги совладала сите транизициски пречки за да стане важен играч на винскиот пазар. Претставувајќи се срамежливо, но сосема достојно за да го привлечат сечие внимание, винарската визба „Венец“ остави длабок траг кај секој кој проба вино од сортите вранец, каберне совињон, мерло, шардоне и смедеревка.

_DSC0134

Винаријата која не примамува при секоа враќање од Скопје кон Кавадарци не заинтересира уште еднаш да го посетиме нивниот штанд, штандот на Шато Сопот. Винаријата која се наоѓа во близина на Велешкото езеро, позиционирана помеѓу ридовите и плодните висорамнинни на винскиот регион, е уште едно македонско шато која ја живее својата винска сказна сместена во книгата Македонија.

_DSC0149
Струмица во последните неколку години важи за еден од набрзорастечките градови во Македонија. Со самото тоа се моделира и сликата за пиење на квалитетни вина, а тука винаријата „Далвина“ го има главниот збор. Сосема достојно, со ниту чекор заостанување зад другите современи винарии, винаријата „Далвина“ најавува дека во блиска иднина Македонија на својата винска карта ќе мора да одвои поголем простор за промоција на овој вински регион.

_DSC0155

Возбудливиот финиш започна со посетата на штандот на винаријата Езимит од Штип. Винаријата која силно вложува во својата презентација и промоција пред светот го потврди тоа уште еднаш со нивниот настап на Винодонија.

_DSC0135

Желни да ја раскажат историјата на винаријата чија изградба е инспирирана од остатоците од античка винарија во близина на лозовите насади, тимовите од Езимит ни понудија ексклузивна можност на едно место да ги пробаме нивните Вранец, Каберне Совињон, Мерло, Сирах, Кратошија, Плавац, Пино Ноар, Шардоне, Ризлинг, Совињон Блан, Мускат, Мускат Фронтињан и Жупљанка.

_DSC0136
Следуваше ново срдечно поздравување со нашите стари и добри пријатели од винаријата Попова Кула.

_DSC0161

За нивната автохтона Станушина сме пишувале редови и редови, сме давале епитети и епитети, за да нашето внимание сега го насочиме и кон останатите вина од винаријата која е неодминлива дестинација на македонската винска рута. Наша препорака е ако само еден викенд поминете во Демир Капија, во убавините на Попова Кула, вечно ќе бидете вљубени во овој вински регион, затоа што само овде, вековните порти за добредојде отворени се 24/7.
Добредојдовте во Македонија, добредојдовте во Попова Кула.

_DSC0138

За крај, винаријата која за кратко време стана еден од најголемите вински играчи на европскиот пазар. Токму на штандот на винаријата „Стоби“ се водеа најдолгите разговори дали Македонија е постара од виното, или виното е постаро од ова парче земја која го дава најубавото грозје на светот. _DSC0145

Со полна чаша Сирах, и приказната за новиот вино бренд на Македонија, технолозите и менаџерскиот тим на Стоби ги кршеа копјата со нашиот боем, за да на крај, сите да се сложиме во едно, македонските вина биле, се и ќе бидат орнаментика на библиска Македонија.

_DSC0154
Почитувани читатели, винариите кои не ги сретнавте во нашата приказна и оние кои не беа гости на вториот вински салон Винодонија, сигурни сме дека ќе бидат силни промотори на сопствените вински капацитети, затоа што само така ќе покажиме пред светот зошто е неразделива нашата љубов со таа капка дадена од боговите.

_DSC0165

Автори: Душко Стефанов и Даниел Уневски
Фотограф: Никола Соколов

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *