Неготино се подготвува за прославата на Свети Трифун

Започнаа подготовките за одбележување на „Недела на виното-Свети Трифун 2018“, манифестација традиционално се организира во Неготино во февруари, во чест на верскиот празник, што се смета за заштитник на лозарите.

Методи Митрев, портпарол во неготинската општина, денеска информираше дека во присуство на претставници на локалната самоуправа, лозари, винарии, енолози, здруженија на граѓани, образовни установи, фолклорни друштва и други, се одржал првиот состанок на кој присутните биле запознати со изготвената предлог-програма за одбележување на празникот. Можно било да се дадат и прелиминарни забелешки и предлози.

– Според предлог-агендата, оваа година манифестацијата со која ќе се одбележи празникот на лозарите и винарите предвидено е да трае 3 дена, со бројни активности кои ќе се одржуваат на 12, 13 и 14 февруари. Општина Неготино за оваа година предложи спроведување на повеќе нови проекти во рамките на манифестацијата. Meѓу нив, одржување едукативен настан поврзан со вино и грозје – вино терапија и унапредување на можностите за користење на виното и грозјето во козметичката индустрија, организирање на дводневна работилница на ракотворби за вино, декорации на маса за вино и работилници за подготовка на храна, како и отворање на ликовно-копаничарско ателје за креирање препознатлив експонат, а нема да изостане и традиционалната копаничарска изложба. Исто така, како новина се планира организирање на социјални и спортско-натпреварувачки игри и забава со реквизити за производство и складирање на вино, одржување на хуманитарен базар, музичко ликовен уличен перформанс, збогатување трајна етно-винска поставка во винскиот дел на Музејот на град Неготино, можност за организирање на тридневна тура во регионот, настапи на фолкорни друштва, денс групи и други музичари, соопшти Митрев.

Основна цел е да се понуди програма со содржини која ќе предизвика интерес кај сите генерации граѓани, како и присуство на гости од земјава и странство.

– Главна новина која се предлага од општина Неготино, а во зависност нормално од временските услови, е тоа што на 14 февруари на градскиот плоштад, програмата се планира да започне претпладне и да трае целодневно. Во вечерните часови пак се планира забавата да продолжи на Старата градска чаршија. Се разбира ќе бидат застапени и други настани кои и во минатите години беа карактеристични за оваа манифестација, со главен акцент на виното. Од општината информираат дека станува збор за предлог-програма која е подложна на измени и дополнувања, па токму затоа и во наредниот период ќе следува организирање на други состаноци, на кои ќе се дефинира што точно ќе содржи програмата.Општина Неготино во следниот период очекува поголема зиантересираност токму од винариите, од угостителите и од останатиот приватен сектор, од кои се очекува да дадат значаен придонес во севкупната организација за оваа манифестација, додаде Митрев.

Главната цел е во текот на трите дена од одбележувањето на празникот, во Неготино да се привлечат што е можно повеќе гости од регионот, земјава и странство, а со тоа манифестацијата да се издигне на ниво на препознатлива стопанско-туристичка манифестација.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *