Лозарите побараа гаранции и решавање на наталожените проблеми

Неисплатените пари за предадено грозје, за субвенции, за измрзнувањата лани, спремно дочекување на новата реколта и од винариите и од лозарите, исплата на грозје по реална цена на чинење по килограм, со точно прецизирани рокови на исплата, беа главни теми на кои се расправаше на Трибината посветена на проблемите во лозарството.

Иницијатор на средбата беше градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, а на истата присуствуваа претставници на Владата, Министерството за земјоделие, Платежната агенција, Инспекторат за земјоделие, пратеници во Парламентот и претседателот на новото Здружение на лозари „Млади Лозари“, Трајче Кулев.
Иако на моменти поради незадоволство и наталожени проблеми, доминираа, оправданиот револт и нетрпението од присутните во салата на Домот на културата која беше преполна со лозари кои подолго време бараат решавање на егзистенцијалните прашања, сепак од собирот во Кавадарци произлегоа неколку заклучоци, меѓу кои старите долгови на винариите кон лозарите за неисплатено грозје за 2015 и 2016 година со Владини мерки да им се исполатат на лозарите; новата реколта за 2018 година до 6 месец 2018 да биде подготвена со податоци за очекувана количина грозје и капацитети на винариите; цената на плаќањето на грозјето да се одредува врз основа на трошоците на производството и нето платата во државата, и истата да биде во разумни граници; а исплатата да се изврши врз основа на обезбедена банкарска гаранција за секој килограм грозје од страна на откупувачите.
Провоциран од прашање на советникот за земјоделие на премиерот, Ленче Николовска во врска со изградбата на дестилерија, Јанчев одговори дека за неа до април ќе биде изработен елаборат од еминентни стручњаци, кој ќе и биде предаден на соодветното министерство со цел владините инситуции се ангажираат да ја изградат. Во таа смисла Јанчев ги извести присутните за спремноста на раководството на винарската визба „Тиквеш“ дирекцијата од Скопје да ја врати назад во Кавадарци.
Инаку на оваа трибина за проблемите со исплатата на субвенциите за лозарите говореа и прашуваа лозарите, а одговараа претставниците на Владата. Ленче Николовска од кабинетот на премиерот Зоран Заев, рече дека заклучно со 30 јуни ќе бидат исплатени сите субвенции во земјоделието, ќе се воведе т.н. “зелена нафта“ која ќе биде 50 насто поефина за земјоделците, ќе се направи државната земјоделска земја, ќе се вложат 10 милиони евра во системи за наводнување, сите земјоделци кои ќе предадат било каков земјоделски производ ќе бидат исплатени веднаш од откупувачите, ќе се формира Комитет за земјоделие и храна кој ќе решава прашања поврзани со земјоделието кои на поинаков законски начин, а поради природата на проблемот не можат да се решат. Таков е случајот со измрзнувањата во Тиквешијата лани, кои ќе бидат опфатени како дневен ред на првата седница на овој комитет, со цел земјоделците од Тиквешијата да добијат реална исплата на штетите.
Директорот на платежната Агенција, Николче Бабовски потврди дека до крајот на наредната недела ќе бидат исплатени заостанатите субвенции за 2015 и 2016 година. Први во Македонија субенциите за 2017 година за развој на лозаратво и овоштарство ќе ги добијат земјоделците од Кавадарци. Потоа ќе следува исплатата по 2 денари од килограм за предадено грозје од минатата реколта во винарии или други откупувачи.
Што се однесува за измрзнувањата на лозјата лани овој период, од соодветните министерства и инспекторати беше ветено дека Владата треба да донесе одлука за процентот на оштетата на лозјата врз основа на што и ќе бидат исплатени средства за оваа намена.
Претседателот на новото Здружение на лозарите „Млади лозари“, Трајче Кулев на трибината во Кавадарци порача дека Здружението ќе се залага за решавање на проблемите на лозарите, ќе бара парите за предадено грозје да се исплаќаат веднаш, најдоцна 2-3 дена, а не во рок од 6 месеци како досега, грозјето да стане стратешки производ, како тутунот што ќе значи и поголема гаранција за исплата на земјоделците со оглед на акцизата која се остварува.
Пратеникот Панчо Минов проговори за примената на сите мерки за подмирување на долгувањата на винарската визба „Повардарие“, а во таа смисла и на Стефани Вајнерс кон лозарите. Ако „Повардарие“ како субјект не ја направи исплатата со одреден рок, Владата да го стори тоа, а што се однесува за измрзнувањата, процентот да изнесува 100 насто, бидејќи голем дел од лозарите не обраа речиси ништо од своите лозја. Пратеничкат Весна Пемова побара тесна соработка на лозарите и Владините институции со претставниците во Парламентот.
Инаку со прашања се вклучија поголем дел од лозарите, а прашањата се однесуваа главно на неисполнетите исплати и барања за кои се дадоа главно позитивни одговори. Некои од нив има одредени коментари од каде продуцира целата оваа состојба во земјоделието.
На крајот од средбата која ја иницира градоначалникот Митко Јанчев на почетокот на својот мандат, првиот човек на градот ги повика земјоделците, претставниците од министерствата, институциите и винариите годинава заеднички и масовно да го одбележат празникот Свети Трифун.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *