Како „Тиквеш“ успеа да ги зголеми приходите на 20 милиони евра

„Тиквеш“ е убедливо најголем продавач на македонско флаширано вино во земјава и во странство. Лани неговата продажба достигна 20 милиони евра и тоа се над 104.000 хектолитри вино флаширано вино.
Приходите од продажба на флаширано вино на најголемата и најпозната македонска винарска визба „Тиквеш“ лани надминаа 20 милиoни евра и тоа е зголемување за 13 отсто во однос на приходите од продажба во 2016 година. Заедно со приходите од продажба на флаширана ракија „Тиквеш“ лани остварил вкупно 23,65 милиони евра од продажба на вкупно 113.000 хектолитри флаширано вино и ракија на домашниот и на странските пазари. Од тоа флаширано вино е над 104.000 хектолитри што е за 11 отсто повеќе од лани, а флаширана ракија е 8.959 хектолитри и има раст од 5 отсто во споредба со 2016 година.
Флашираните вино и ракија сочинуваат 99 отсто од продажбата на „Тиквеш“, а само 1 отсто отпаќа на продажба на наливно вино. По овој параметар „Тиквеш“ со оглед на неговата големина и пазарно учество веројатно е без конкуренција од аспект на додадената вредност што ја добива на пазар флашираниот продукт во однос на наливно продаденото вино.
Во продажбата на „Тиквеш“ и речиси подеднакво важни се домашниот и странските пазари. На домашниот пазар компанијата продала 51.462 хектолитри и остварила приходи од 13,66 милиони евра од кои над 10 милиони евра се од продажба на флаширано вино. Продажбата на флаширани продукти на домашниот пазар бележи раст од 8 отсто во споредба со 2016 година.
Извезени се 60.844 хектолитри флаширано вино и од тоа се инкасирани 9,6 милиони евра и тука има раст на приходите од 19 отсто во однос на 2016 година за разлика од домашниот пазар на кој приходот пораснал за 8 отсто.
Од аспект на хектолитрите продажбата на домашниот пазар учествува со 45 отсто, а на странските пазари со 55 отсто. Од аскект на остварените приходи 58 отсто се од продажбата реализирана на домашниот пазар, а 42 отсто од извозот. Тоа значи дека „Тиквеш“ за помалку хетолитри продадени дома генерира повеќе пари од продажбата надвор во однос на продаденото количество.
Од странските пазари српскиот е најважен за продажба на винатата и ракијата на „Тиквеш“. На овој пазар лани „Тиквеш“ остварил бруто приходи од продажба во износ од 5,55 милиони евра и тие бележат раст за 12 отсто во хектолитри и 14 отсто во пари во споредба со 2016 година. Сите други пазари заедно имаат помала продажба од извозот на српскиот пазар. Од достапните податоци се гледа дека приходите од регионов (со исклучок на Србија) имаат најголем прогрес во продажбата. Продажбата во хектолитри пораснала за 32 отсто до 21.435, а продажбата во пари за 28 отсто до износ од 3,53 милиони евра.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *