Како да направите домашна дегустација на вино?

Следниот пат кога ќе одлучите да ги повикате пријателите на домашно дружење размислете за нешто поинакво и наместо да приготвувате вечера, подгответе забава со дегустација на различни вина. Ваквата забава е едноставна за организација, ќе претставува уникатно искуство за гостите и ќе ви овозможи повеќе време за дружење со нив во споредба со класична вечера.

Се разбира, главната улога на една ваква забава ја има виното. Храната што ќе ја послужите треба да има и одредена функција во дегустацијата, односно да послужи како прочистувач на вкусот при преминувањето од едно на друго вино во текот на пробувањето на различните вина. Затоа е добро да имате крекери, различни видови на леб и пецива. Поставете неколку ордевери, како и даски со неколку видови сирења и дополнете го изборот со суво овошје и десерт кој лесно се послужува.

Подеднакво важно е да имате доволно чаши за вино, отворачи, како и неколку бокали со вода. Поставете ги шишињата со вино на шанк или на трпезариска маса, на начин што ќе овозможи лесно да се идентификува виното и лесно да се пристапи до него. Она што е многу важно е добро да испланирате време за да се олади белото вино и различните вина да бидат послужени на соодветна температура. Обезбедете и кибли со мраз за одржување на температурата на одредени вина во текот на дегустацијата.

За да го уредите просторот, доволно е да имате бел чаршав и декоративни салфетки, но во декорирањето избегнувајте миризливи свеќи или цвеќе, кои ќе го надвладеат мирисот на виното при дегустацијата. Испечатете и формулари кои гостите ќе можат да ги пополнуваат пробувајќи ги различните вина, запишувајќи го своето мислење за бојата, мирисот, вкусот и општиот впечаток за виното. Ова ќе им даде тема за разговор и дискусија.

При изборот на виното за дегустацијата може да одберете одредена тема. На пример, дегустација на вина од еден ист регион, дегустација на одредена сорта вино од различни региони или избор на различни сорти, за гостите да имаат разновидност и можност да пробаат повеќе одделни сорти. Ограничете го бројот на вината што ќе се дегустираат на максимум шест.

Препорачуваме за првата ваква забава да набавите различни вина од серијата „Спешал Селекшн“ на Винарската визба „Тиквеш“. Овие вина се со одличен квалитет и серијата нуди повеќе сорти бели и црвени вина, како Шардоне, Мускат отонел, Ркацители, Совињон блан, Темјанка, Гренаш блан, Мерло, Каберне совињон и Вранец, со што гостите ќе имаат можност да ги откријат различните карактеристики на секоја од овие сорти. Поттикнете ги гостите да го одберат својот фаворит и забавувајте се во процесот на одлучување. Најважно, уживајте во доброто вино и друштвото на пријателите.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *