Интервју со Ѓорѓи Јанчев: Се повеќе се порачуваат високо квалитетни вина

Ресторанот Моклиште е елитен мотел ресторан, еден од ретките од ваков тип, сместен на нешто помалку од 5 и пол километри од Кавадарци, во најубавата природа во Тиквешијата која изобилува со богата историја. Сместени во пријатниот амбиент на ресторанот, со чаша „Фиано“ на винарската визба Милев „Гоце Делчев – Тиквеш“ во комбинација со лосос подготвен на медитерански начин, ја живееме приказната на самото место. На само неколку метри од нас е манастирот „Свети Никола“ каде пред повеќе од пет века е забележана една од најбогатите историски библиотеки на балканот, а на речиси иста оддалеченост е и воденицата која е стара повеќе од 2 века. Тука има приказна како што има секое вино, секоја чаша, секоја голтка, а измешано, спарингувано со новото време и новите искуства ни даваат право да кажеме да, Македонија е земја осудена на вечност. Наш домаќин беше Ѓорѓи Јанчев, раководител на ресторанот, кој е вљубеник во локалната кујна која совршено се спарингува со модерните македонски вина, но и фантастичен соговорник на повеќе теми поврзани со виното и угостителството.

52

www.vinotika.mk: Господине Јанчев, на самиот почеток, какви се вина се служат во ресторанот „Моклиште – Комфорт“?

Ѓорѓи Јанчев: Знаејќи дека Кавадарци е град на виното, град на виновата лоза, ресторанот Моклиште-Комфорт, служи секакви вина. Кога мислам секакви, мислам на вина од повеќе винарии, од повеќе сорти. Како најчести се вината на Винарската визба Милев „Гоце Делчев – Тиквеш“, „Тиквеш“, „Попов“, „Бовин“ и други. Најчесто ресторанот ја презентира целата палета на вина од една винарија, а се консумираат сите вина.

40

www.vinotika.mk: Кои сорти вино се најбарани од Вашите гости?

Ѓорѓи Јанчев: Најчести вина кои се порачуваат, ако треба да ги одделиме како сорти, односно како вински сорти грозје, се темјаниката, каберне совињон, сега веќе новото вино на ВВМ „Гоце Делчев – Тиквеш“ „Фиано“ од италијанската сорта Фиано, каберне франк и вранец.
www.vinotika.mk: Значи ли тоа дека помина времето кога се пиеа оние ефтини, вина од пониската класа?

Ѓорѓи Јанчев: Точно. Времето на нискобуџетни вина е поминато, затоа што луѓето си го препознаваат својот вкус, а и ресторанот се потруди спарингот на виното со храната да биде така добро поврзан, да секое вино е точно поврзано со кој дел и со која храна се служи. Луѓето веќе знаат, и имаат познавање од тоа кое вино со која храна оди, и затоа ги бараат повисоките, поквалитетните сорти, за да поминат можеби некој подолг, некој пократок период во ресторанот, но да се чуствуваат прекрасно.
www.vinotika.mk: Имаа ли гости кои бараат мислење од персоналот, вработените келнерите?

Ѓорѓи Јанчев: Најчест случај кај нас е самите вработени, т.е. келнерите да препорачуваат секој пат со која салата, со кое главно јадење, со кое предјадење, со кој десерт кое вино оди, додека изборот на винаријата го оставаме на сопствен избор на секој гостин.

28
www.vinotika.mk: Се губи ли полека онаа наша лоша навика на би рекле сквернавење на виното со мешање со сок, минерална вода…

Ѓорѓи Јанчев: Да, се искоренува навиката на мешање на сокови, газирани сокови, негазирани сокови, минерални води, негазирани води, лимонади со виното. Полека, полека луѓето избегнуваат да пијат 10 флаши вино и практикуваат да пијат едно шише квалитетно вино со добра храна.
www.vinotika.mk: Им препорачувате ли на гостите од страна локална, македонска, тиквешка храна?

Ѓорѓи Јанчев: 99% од случаевите самите гости кога ќе дојдат во нашиот ресторан ги бараат локалните специјалитети и вина. Знаат најчесто оние ВИП личности да побараат нешто најдобро, но не мислам дека тоа е многу тешко затоа што храната во Тиквешијата е прекрасна. Имаме длабока историја со фантастично добра храна. Ние се врзуваме кон нашиот толчен пинџур, потоа следуваат тиквешкиот крап, не зависно дали е пржен, полнет, печен, тиквешката тава која е мешавина од повеќе сорти место. Десерт кој секогаш претендираме да го поврземе со виното е топена торта со слатко од грозје, или по старски ервенија или ‘рвенија. Во принцип се држиме кон тие традиционални македонски рецепти за да секогаш гостинот од страна проба нешто многу поразлично од она што може да го проба на друго место.

15

www.vinotika.mk: Се враќаат ли странските гости повторно назад?

Ѓорѓи Јанчев: Најчесто се враќаат и тоа во поголем број. Ако поминале случајно во нашиот ресторан, потоа ни возвраќаат во се поголем број.

www.vinotika.mk: Од онаа долга листа на познати гости кои престојувале во ресторанот, Ви оставил ли некој впечаток како добар познавач на виното?

Ѓорѓи Јанчев: Да, да. Прво сакам да ги наведам нашите, македонски. Владо Јаневски е одличен познавач на виното, како и бендот Љубојна. Од странските посебен впечаток како одлични познавачи на виното ми оставија Северина која морам да напоменам дека е страстен јубител на македонскиот ајвар, а одличен познавач е и Цеца Ражнатовиќ која ни беше гостин годинава.

25

www.vinotika.mk: На запад со децении наназад е практика, но колку кај нас луѓето прашуваат од која берба е виното?

Ѓорѓи Јанчев: Тоа е новиот тренд. Ние малку доцниме со тој тренд. Никогаш од порано не се прашувало за бербата на грозјето. Во последните 3-4 години луѓето знаат и самите да прашаат од која година е бербата на грозјето, или пак за тероарниот дел, односно подрајчето на производството на грозје од кое се произведува виното „Се извинувам, ВВМ „Гоце Делчев – Тиквеш“, од кој дел е темјаниката, дали е од тероарно, специфично подрачје…“

13

www.vinotika.mk: Сосема за крај, која е Вашата омилена комбинација за перфектен оброк во комбинација со вино, почнувајќи од салата па се до десерт?

Ѓорѓи Јанчев: Јас би сакал да го почнам ручекот со нашата моклишка салата во комбинација со чаша бело вино, ризлинг, траминец… Потоа би сакал добро парче локална тиквешка пастрмка, малку зготвена и подзачитена, би продолжил со парче добро свинско филе, па би завршил со чокаладна торта затоа што сум благар по душа во комбинација со Розе Мускат.

 

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *