Интервју: „Ѓи-Ем-Ен Наумчеви“: Автохтоната Станушина има фанови и надвор од земјата

„Винодонија 2018“ по трет пат ги оправда очекувањата на сите оние за кои виното е многу повеќе од пијалок. Освен што можеа да се дегустираат различни вина од домашни и странски производители и да се научи нешто повеќе за виното, присутните имаа можност да разговараат и директно со самите производители на виното. Можноста да разговараме со винариите ја искористи и тимот на винотика.мк кој направи интервјуа со најголемиот дел од учесниците на винскиот салон кои ќе бидат објавени во наредниот период. И третото интервју од овој серијал е со човек кој и многу добро познат на кавадаречката јавност. Господинот во секаква смисла на зборот Ѓорѓи Наумчев е главниот виновник за сите успеси на винаријата Џи-Ем-Ен Наумчеви, која покажа дека само со квалитет и континуирано инвестирање може да се излезе од просечноста на домашните винарии и да се стане препознатлива семејна, бутик винарија, со изграден стил и сериозна армија на консументи.

vinotika.mk: Винарија „Наумчеви“ долги години важи за една од најдобрите семејни, гаражни винарии во Македонија. Што се треба да се постигне за да се добие едно вакво признание?

Ѓорѓи Наумчев: Ви благодарам за комплиментот. За една бутик, мала винарија да биде успешна треба да има многу љубов кон самото вино и неговото производство, потоа познавање на технологијата на производство на вино, и нормално да се знае, односно постепено, согласно потребите пазарот да се приспособи производството. Некогаш се прави математика, толку по толку пари е цената на виното, но се е во самата проценка колку треба да се произведе.

vinotika.mk: Колку е тешко да се излезе од сенката на оние домашни производители и да се биде препознатлив како сериозен винопроизводител?

Ѓорѓи Наумчев: Јас ја имав таа среќа што започнав пред дваесетина години. Да се стане препознатлив е некој начин постепена борба, во смисла, почнав со 500 литри вино, потоа постепено дојдов до 1500-2000 литри, за сега да стигниме до капацитет од 30000 литри. Луѓето треба да го препознаат квалитетот, и самите муштерии го кажуваат тоа. Ако имате добар квалитет ве бараат, ако не, не ве бараат и нема проширување. Тоа е основната филозофија.
vinotika.mk: Вие сте една од ретките винарии во Македонија која се залага за промоција на автохтоната македонска станушина, и тоа го правите и надвор од земјата. Има ли фанови оваа сорта и надвор од Македонија?

Ѓорѓи Наумчев: Да, да, да. При посетата на Брисел преку Слоу Фуд, 2000 пратеници од европскиот парламент го пробаа ова македонско вино и беа воодушевени. Во Македонија исто така има доста добри коментари. Самата сорта има специфичен вкус на јаготка, малина, така да, овошно вино, кое може да се смести во категорија и на бели, и на розе и на црвени вина има доста фанови. И последната дегустација во Торино помина неверојатно добро, па можеме да кажеме дека дури и француските вина беа под нивото на нашата автохтона станушина.

 

_DSC0007

vinotika.mk: На Винодонија сте од самиот почеток. Што различно им понудивте на присутните гости?

Ѓорѓи Наумчев: За разлика од претходните години, оваа година почнавме со барикни вина. Почнавме со неверојатен Вранец со над 16, речиси 17 процентен алкохол, и самите аромати, и самото грозје кое го зимам од места кои не се наводнувани и од мала берба дава многу добар резултат. Во исто време имаме и Каберне Совињон и Мерлот, но Вранецот ми постигнува засега најдобри резултати. Минатата година фокусот ми беше на Станушината и Темјаниката, а оваа година одиме со поквалитетни вина. Во моментов течат подготовките за новата етиката која ќе биде за нијанса подобра, но без разлика каква е етикетата, виното во шишето е фантастично.

vinotika.mk: Какви се реакциите на луѓето?

Ѓорѓи Наумчев: Многу добри коментари дадоа за Темјаниката и Траминецот, што е очекувано. Од Вранецот Барик беа воодушевени, секако и од Станушината како веќе препознатлива сорта кај консументите, што е многу важно, со оглед на тоа што беше подзаборавена и ставена во втор план.

_DSC0005

vinotika.mk: Очигледно кај Вас никогаш не е досадно со оглед на тоа што константно се работи на нешто ново. Што е следниот предизвик на винарија Џи-Ем-Ен Наумчеви?

Ѓорѓи Наумчев: Па планирам нешто посериозно да не одам во квантитет, туку да бидеме препознатливи по квалитет. Сега во последно време се зборува многу за новиот закон за алкохолни пијалоци, и сакаме да влеземе во производството на добри вињаци, и мислам дека тоа во најскоро време ќе се случи. Сакам да правам ликери. Во последно време сум вљубеник во лековити трави, но не ми е целосно истражено тоа поле.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *