Почина таткото на македонското модерно винарство, Ѓорѓи Јованов – Хермес

Како и се во животот, така и во винскиот свет има тажни денови. А денешниот е токму таков, намуртен, тажен, расплакан, ден во кој земниот свет се прости од неговото височество, Ѓорѓи Јованов – Хермес, човекот кој на Македонија и на светот му подари толку многу врвни вина.
Јованов е еден од доајените на модерното производство на вино во Македонија, човек кој помести многу граници и постави исто толку постулати за денес македонските вина да бидат тоа што се. Сите негови соработници засекогаш ќе ја паметат неговата посветеност и умешност да направи вино до совршенство, но и неговите приказни и анегдоти, со кои пиењето на виното го претвораше во уште поголемо уживање.
Популарниот Хермес на производството на вино му посвети речиси половина век. Своето винско патување го започна во винарската визба „Повардарие“, која ја напушти по 20-годишно работење, за во 1998 година да биде дел од основачите на првата приватна винарница „Бовин“. Тоа е моментот кога всушност и започнува промената на концептот и филозофијата на размислување кај домашните винопроизводители. Имено, Хермес беше зачетникот што фокусот на работењето на домашните производители го стави на квалитетот на виното наспроти квантитетот.
По покана од сопственикот на винарницата „Стоби“, Минчо Јорданов, Хермес се вклучи во една исклучително квалитетна иницијатива, чиј потенцијал се совпадна со неговата филозофија за производство на вино: „Ништо помалку од совршенство“. Така, Хермес од моментот на основањето на винарницата „Стоби“, поточно од 1.1.2008 година, до неговото повлекување од здравствени причини, во винарницата „Стоби“ од грозје правеше уметност.

7-Stobi
Уште од првите денови во „Стоби“, како директор на визбата и главен енолог, Ѓорѓи Јованов-Хермес се залагаше да се создаде сопствен имиџ на црвено и бело вино, со кое ќе му се покаже на светот дека и Македонија има многу нешта да понуди. Како резултат токму на неговата макотрпна работа, вината на „Стоби“ ожнеаја награди на најзначајните вински саеми и фестивали, а со него „Стоби“ за кратко време стана бренд што чекор по чекор го освојуваше целиот свет.
Неговата филозофија за односот кон лозата, грозјето и виното се цитира и од младите винопроизводители.
– И од добро грозје, ако не знаете или ако згрешите нешто, може да добиете лошо вино. Но ако произведете лошо грозје, тогаш никогаш нема да добиете добро вино. Токму поради тоа ние обрнуваме максимално внимание на секој процес од винопроизводството, од изборот на парцелите за садење, нивната местоположба, почвата, садниот материјал, контролата на родот, заштитата до процесите што се во самата винарница, од мелењето до ферментацијата и амбалажирањето – знаеше да повторува Хермес, на севкупниот процес на производство на вино во „Стоби“, при што знаеше да додаде „белото вино се пие за душа, а црвеното за здравје“.
Ѓорѓи Јованов-Хермес сите оние кои случајно или намерно влегле во винскиот свет ќе го паметат како човек со извонредно ведар дух, ризница на анегдоти и приказни за секоја сорта грозје, па и за секоја реколта, хроничар на сите настани врзани за грозјето и виното во Тиквешијата.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *