Вранецот во фокусот на десетте македонски винарии кои излагаа на ProWeine

Вината на 10 македонски винарници беа претставени на меѓународниот саем за вино ProWeine кој од 17 до 19 март се оддржа во Дизелдорф, Германија.

На саемот своите вина ги претставија ВВ „Тиквеш“, „Сковин“, „Стоби“, „Далвина“, „Бовин“, „Камник“, „Езимит“, „Попов“, „Мовино“ и „Имако“, а во фокусот на претставувањето на годинашниот саем беше сортата вранец.

Во рамки на саемот македонските винарници организираа специјални дегустации за бројните дистрибутери, увозници и професионални купувачи од целиот свет да ги осознаат уникатните карактеристики на вранецот. Овие дегустации се водени од Каролин Гилби, реномиран вински експерт и еден од најголемите познавачи на вината од земјите на Југоисточна Европа.

Дополнително, посебен дел од македонскиот национален штанд беше посветен на сортата вранец, со изложување на 20 различни вина од десетте винарници, со цел да се прикажат можностите и различните стилови на производство. Вината произведени од сортата вранец изложени во специјалниот дел од штандот се организирани во три категории: вина произведени во инокс танкови, вина зреени во дабови буриња и вина создадени со комбинирање на вранец со друга сорта.

vranec-veritas
-Виното Вранец е наш најголем адут во напорите за градење препознатливост во меѓународни рамки и одвојување од останатите вински региони. Кон тоа придонесува и заедничкиот настап на саеми, со заеднички национален штанд што го посетуваат многу увозници и дистрибутери. Сепак, за етаблирање и препознатливост на македонското вино потребна е поширока стратегија фокусирана на виното како производ со додадена вредност. Виното е меѓу призводите со најголемо учество во бруто домашниот производ што го создава земјоделскиот сектор и непходно е да се посвети поголемо внимание во развојот на винската индустрија, истакна Елена Младеновска – Јеленковиќ, директор на здружението „Вина од Македонија“.

Македонскиот национален штанд и оваа година беше финансиски поддржан од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралиот развој за 2019 година на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека во рамки на активностите на министерството за промоција на македонското вино на интернационалните пазари поддршка обезбедува и здружението „Вина од Македонија“.

ProWeine еден од најголемите и најзначајните саеми на кој се среќаваат производителите на вино и купувачите кои ги претставуваат големите трговски синџири и угостителството. Овој саем секоја година привлекува повеќе од 60.000 посетители, а на саемот своите вина ги промовираат 6.873 изложувачи од 60 вински земји во светот.

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *