По 7000 години, виното е повторно на пиедесталот во Кина

Рапидниот раст на кинеската економија влијаеше за зголемување на животниот стандард, но и на навиките на вредните кинези, кои се повеќе ги примаат европските манири. Меѓу нив секако е и консумацијата на вино со ручекот или вечерата, што резултираше од речиси непознат терен, за многу кратко време Кина да стигне во друштвото на 10 најатрактивни вински пазари во светот.
Но, историјата на пиењето на вино во Кина не е базирана на последните десетина години. Всушност таа е долга повеќе од 7 милениуми. Употребата на диво грозје во производството на алкохолни пијалаци е потврдена на археолошката локација Џиху, и истата датира од околу 7000 година п.н.е. Со тек на времето виното е заменето со алкохолни производи од други овошки и ориз, а големата заслуга за враќањето на виното произведено од грозје ја има Џанг Киан, императорскиот пратеник на династијата Хан кој донел лозови прачки од територијата на централно-азиски кралства, односно од просторите на денешен Узбекистан.

08-CHINAWINE-JP-4-facebookJumbo
Првата модерна винарија во Кина е основана во 1892 година во провинцијата Шандонг, во близина на пристаништето Јантаи од страна на кинескиот претприемач Џанг Биши, а следниот револуционерен потег во кинеската винска индустрија се случува дури 90 години подоцна, кога за прв пат е увезено вино од странство. Се разбира, се работи за француско вино, но поради економската немоќ на граѓаните, винската индустрија и култура се развива бавно се до почетокот на новиот милениум.
Економската експанзија влијаеше и врз производството на врвни кинески вина, па веќе неколку години кинеските вина може да се најдат на полиците на маркетите ширум светот. Иако некои критичари сеуште ги третираат овие вина со ист вид на непочитување со кои беа дочекани и чилеанските и австралиските вина, оние со поотворени умови го препознале потенцијалот на кинеските вина кои можат и тоа како да се споредат со вината од најпознатите светски вински региони.

kinesko vino
Денес, кинеската винска индустрија ја движат винариите ChangYu, Great Wall и Ningxia Silver Heights кои создаваат вина со премиум квалитет, иако за да се задоволат винските страсти на кинезите годишно се откупуваат илјадници тони вино од речиси сите најпознати вински региони во светот, вклучувајќи ја и Македонија.
Автор: Душко Стефанов

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *