Виното – Дар од бога или од ѓаволот

Во стариот македонски календар, месецот септември го носи името гроздобер. Време на грозје брање, на вински средби и гозби. Нема нешто што не е напишано или останало непознато за виновата лоза, за грозјето и за виното, убедливо најспоменуваниот напивка во сите книги на човештвото, речиси рамно со водата. Во 39 книги на Стариот завет и во 10 од Новиот зборот вино се јавува 235 пати, зборот лозје 145, лоза 45, грозје 44, а лозар(и) десетпати. На стотина места се споменува во „Илијада и Одисеја“ на Хомер, за него пишува индискиот еп „Гилгамеш“ уште 1.700 години пред нашата ера. Да не зборуваме за старогрчките анакреонтски стихови или за источните предмуслимански мудреци кои ги опишувале својствата на сокот од грозје, како и за ѕидното сликарство на стариот Египет преполно со мотиви на гроздови и прикази на пиење вино. Kонечно и Ное, по потопот, првото дрво што го засадил била виновата лоза. Од првата автохтона до денешните хибридни сорти, нивниот број има достигнато над 10 илјади.
Најраните докази за производство на вино датираат меѓу 5 и 6 илјади години пред нашата ера. Според една стара персиска легенда виното било откриено кога жената на некој си шах по име Џамшид, случајно испила некој подзаборавен, полупревриен, сок од грозје, од што убаво се расположила и им го препорачала на мажот и пријателите. Виното не го пронашле Грците, иако во античката митологија тоа најмногу му се припишува на лудиот полубог Дионис, (Бах во римската митологија). Виновата лоза диво растела на брегот на Црното Море, откаде некој (не се знае кој) ја пренел на планината Ниса, во денешна Либија. Таму на Дионис му била откриена тајната на оваа напивка, која првин ја пренел преку Kрит во Тракија, во долината на реката Струма и низ егејските острови, ширејќи радост и веселост.
Оттаму, тоа големо човечко сладострастно „откритие“, преку Палестина е пренесено до Персија, од Персија до Индија, каде што стигнал Дионис и ги научил жителите да одгледуваат винова лоза. Во бронзена доба, преку патот по кој се тргувало со килибар, виното стасувало во обратна насока – од Индија до Англија. Главниот патоказ во толкувањето на таинствената историја и „светска популарност“ на Дионис е неговиот митски придонес во ширењето на култот на виното низ Европа, Азија и Северна Африка, како и забавноста на оргиите со вино, песни и младите жени- мајнадите. Од практичен аспект триумфот на Дионисовиот мит бил во тоа што, со текот на времето, виното насекаде ги потиснало дотогаш познатите алкохолни пијалаци. Избило на прво место по употреба. Kонечно, Дионис ја добил „титулата“ бог на плодноста, на животот, на виното и на уживањето. (Има ли некој маж што не сака да биде награден со тие благодати?)
Милениумското дружење на човекот со виното влијаело на цивилизациското творештво. Симболиката на виното е содржана во разни култури, религии и филозофии, фолклор и преданија. Во античка доба виновата лоза и виното имале култни одбележја: лозата како бог на растенијата, а виното како пијалак на боговите, а со тоа и на бесмртноста. И сите тие го прикажуваат двојното лице на виното: едното весело и пријателско, другото ѓаволско и душманско. Може да се рече дека ако Бог го создал грозјето за наслада, ѓаволот го направил виното за пијанство. Значи: добро е пиењето – лошо е опивањето. Виното, од една страна е симбол на радост, божји пијалак, божја храна, а од друга, како предизвикувач на пијанство, симбол на заблуденоста, на јароста и неконтролираноста. За да нема забуна: секогаш кога се зборува за вино во старите времиња и книги, секогаш се мисли на црно (црвено) вино.
По таа основа до денес траат дискусиите за дилемата: да се пие или да не се пие вино. Поддржувачите поети, филозофи, сликари, скулптори, народни песнопојци, па дури и воини тврделе дека „во водата ќе го видиш своето лице, а во виното изразот на својата душа“. Виното го весели срцето на човекот како што лебот го закрепнува телото. „Пијте и јадете зашто во гробот каде што секој оди, нема веселби, нема работа, нема размислување, ни знаење, ни мудрост, ни богатства“ – повикувале винопијците. Од другата страна се оние што во виното ја гледале опасноста, особено ако се претера во пиењето. „Не покажувај јунаштина во виното, многумина јунаци лесно ги кутнало. Виното е радост за срцето и утеха за душата, ако се пие умерено и навреме, а жалост кога многу се пие, кога се пие со страст и со гнев. Пијанството од виното ја зголемува жестокоста, но ја одзема силата и умножува рани“ – порачуваат потрезвено мислечките.
Според познати, сочувани записи од четврти век пред нашата ера, била измерена и мерата на пиењето, како и последиците од безмерното пиење. Според нив, идеалната количина за здравје, добро расположение и убави мисли била до три чаши. Првата за здравје, втората за љубов и задоволство, третата за добар сон. Kога ќе се испијат три чаши паметните си одат дома- така велеле оние што можеле да се самоконтролираат и да одолеат на предизвикот на сласта. Четвртата е пресвртна: таа поттикнува грубост, петтата тера на врева, шестата води во пијанство, по седмата се гледаат бели глувци, осмата носи во кавги со полиција, деветтата го оштетува црниот дроб, а десеттата води кон лудило. Со препорака при пиењето: на гоштевка со вино не карај се со никого, не прекорувај го ближниот, ако е весел, не подбивај се со него, на тој што пие ништо лошо не зборувај му, не додевај му со барања, остави го да се насладува.
Првото чудо што го направил Исус Христос, го направил со виното, односно од вода направил (што би се рекло денес) првокласно, висококвалитетно вино. Тоа го сторил на една свадба во градот Kана Галилејска кога на домаќинот му привршувало виното за гостите. По молба на мајка си, која забележала дека нема вино, им наредил на слугите да истурат вода во испразнетите садови, каде што било потрошеното вино. Kога вкусил старосватот од новото вино му рекол на домаќинот: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото, но ти си го сочувал доброто вино за сега“. Тоа, според Светото писмо е првото чудо Исусово, првото по кое апостолите поверувале во неговата моќ и способности, а по него следувале другите во разни места во Галилеја и Јудеја. Велат теолозите: „Со виното Исус му се претставил на светот“.
Според некои толкувачи на евангелијата и Исус потпивнувал вино, како и многумина во тоа време. Некои современи проучувачи на животот на источните народи во тие периоди, тврдат дека тогаш повеќе се пиело вино, сок од грозје или некоја друга течност, отколку вода. Водата не била чиста и пивка, била полна бактерии, вируси и разни други загадувачки елементи. Со виното биле посигурни дека ќе имаат поздрав стомак. Во таа смисла оттогаш до денес траат полемиките дали јужните антички и средноазиските народи пиеле непревриен гроздов сок без малигани или превриено вино како алкохол. Заклучокот е дека би било неточно ако се рече дека станувало збор само за сок од грозје, но исто така е неточно ако се рече дека станувало збор за вино, какво што се подразбира денес, во класичната смисла на зборот.
Kако и да е, по излезот на Евреите од ропството во Египет, виното ја заменило крвта во обредите на жртвување, кои биле чести. По „Тајната вечера“, кога Исус ја навестил својата смрт, и по неговото распнување и воскреснување, виното, како „крв од грозје“, станува главен христијански симбол на жртвувањето, на причесната и на погребните обреди, симболика поврзана со крвта Исусова. Можеби е случајност и не се знае дали уште од тоа време биле познати својствата на виното, но ако веруваме на денешната модерна наука, таа со посебни анализи утврдила дека црното вино има толку хемиски соединенија што прават посложен состав дури и од серумот на човечката крв. Но, секако не е случајност што во многу македонски цркви и манастири во иконостаси работени во резба, забележливи се мотиви на стилизирани винови лози, листови и гранки, на бујни гроздови, гроздобери, дури и птици што колваат грозје, и што низ вековите во западнопевропски манастири се одгледувале најквалитетните лозови сорти и се правеле најквалитетни, до денес познати брендови на црно (црвено, бордо) вино.
За разлика од христијанската религија која дозволува пиење, но не трпи препивање, исламот го забранува виното. Според Kуранот, виното и коцката се дело на шејтанот, иако историски е познато дека Арапите и другите блискоисточни народи, пред појавата на исламот, пиеле вино во големи количества. Но како и во се во животот, така и во религиите, има верници и неверници, ги има оние што ги почитуваат законите, како што има и такви кои што ги кршат или не им обрнуваат премногу внимание. Што би се рекло : „Kаква е лозата, такво е и грозјето“ или „Kаков е лозарот- такво е и лозјето“

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *