Апелација (франц. appellation) – законски дефинирана и заштитена географска област со која се идентификува потеклото на грозјето користено за производство на вино.
Барик (франц. barrique) – дабово буре со зафатнина од 225 литри.
Ботритис – болест на виновата лоза предизвикана од фунги што ја напаѓаат во влажни климатски услови.
Буке (франц. bouquet) – комбинација од ароми кои се чувствуваат при помирисување на виното.
Винификација – процес на производство на вино, почнувајќи од изборот на грозје кое ќе се користи во производството, па сè до пакувањето на виното во шишиња.
Витикултура – наука која ги опфаќа сите аспекти на производство и проучување на грозјето. Се однесува на активностите кои се одвиваат на лозјето.
Енологија (брит. анг. oenology; амер. анг. enology) – наука која ги опфаќа сите аспекти на проучување на виното и неговото производство, но не ги вклучува одгледувањето и бербата на грозје.
Енолог – специјалист за производство на вино, експерт во областа енологија.
Енофил (франц. oenophile) – љубител и познавач на виното.
Куве (франц. cuvée) – комбинација на две или повеќе вина од различна сорта или, пак, од различна година на берба. Синоним на зборот купажа (франц. coupage).
Сомелиер (франц. sommelier) – обучен познавач на виното, професионалец кој најчесто работи во угледни ресторани и дава препораки на гостите во изборот на вино.
Танин – состојка во виното која доаѓа од лушпите, семките и петелките на грозјето. Го дава основниот горчлив вкус на виното. Не е пожелна во големи количини.
Тероар (франц. terroir) – комбинација на влијанието на природните елементи: почва, клима и топографија на уникатните карактеристики на одредено место, од кои зависи вкусот и квалитетот на виното произведено од грозје кое се одгледува на тој специфичен локалитет.