ечиси и да нема поет кој во своите дела не му посветил барем еден рефрен на виното. Во листата на поети кои често својата инспирација ја барале во виното и му пишувале песни е и еден од најголемите и највлијателните француски поети на XIX век, Шарл Бодлер.
Колку го сакал виното Бодлер, кој важел за голем винопиец говори и неговата славна изрека, „Само битангите пијат млеко“.
Во продолжение прочитајте ги најдобрите песни на Бодлер посветени на виното.
Душата на виното
Душата на виното пееше една вечер:
„Од стаклената зандана, под печатот црвен,
мојата песна кон тебе, о човеку, тече
преполна со блискост, братство и со блесок врвен!
Јас знам колку треба, врз некој рид, в летно пладне
под сонцето жешко луѓето маки да видат,
за јас да се родам и душа да ми се даде;
но нема неблагодарно и штетно да бидам
ако речам дека восхит во мене се раѓа
кога слегувам в грло на морен човек седнат,
и дека градите врели во кои што паѓам
ми се многу потопол гроб од визбата ледна.
Ги слушаш ли песните што на празник се гласат
и надежта што во мене со блик ќе се јави?
Со ракави засукани, налактен врз маса,
ти ќе бидеш задоволен и ти ќе ме славиш;
ќе сторам пак окото на жена ти да свети;
ќе направам образите на син ти да горат:
масло врз мускулите на силните атлети
ќе биде мојот сок за тој слабосилен борач.
Ќе паднам во тебе небаре пијалак редок
зрно што вечниот Сејач го фрла да никне,
за од наша љубов песна да се роди, чедо
што кон Бога небаре цвет чудесен ќе бликне!“
Виното на собирачите на партали
Под фенерот уличен со црвен плам што блеска,
додека ветрот го гасне, со стаклото треска,
среде старо предградие, тој лавиринт валкан,
каде што толпата врие, готви луњи, талка,
мошне често собирач на партали се метка,
се ниша и, како поет, со нозете плетка;
нечистите доушници нему не му пречат;
низ негово срце мечти за слава се влечат.
Тој заклетви дава, збори законици цели,
лошите ги накажува, правдата ја дели,
и се опијанува тој, под небото сино,
од својата добродетел небаре од вино.
Тие луѓе што згмечени од напори јачат,
што староста и грижите домашни ги мачат,
што згрбавени под вреќи со партали сноват,
што се веднат под париски отпадоци товар,
идат; во себе секој на бочви мирис носи,
ги следат стари борци со побелени коси,
мустаќот како знаме искинато им виснал.
Пред нив рој бајраци, арки и цвеќиња плиснал
и како декор на привид раскошен се крева.
А тие, во тој тежок сјај и блескава врева,
среде труби што трубат и тапани што бијат,
му носат слава на светот од љубовта пијан!
Така низ Човештвото неразумно и лесно
злато точи виното, тој Пактол преполн блесок,
низ грлата жедни тоа подвизи свои слави
и со својот дар од луѓе робови си прави.
За да можат луѓето в рамнодушност да втонат
и за да го смири гневот на овој свет колнат,
Господ го создаде сонот, а нашиот предок
го создаде виното, Сончево свето чедо!
Виното на убиецот
Ох, слободен сум, таа е мртва!
Сега пак ваш сум, весели браќа!
Кога навечер без грош се враќав,
бев на врескањата нејзини жртва.
Среќен сум сега како крал некој;
чист е воздухот, прекрасен светот.
Така ни беше и она лето
дека ја сакам кога ѝ реков!
Жедта моја ужасна, кобна,
има потреба, за да стивне,
од толку вино, што да пливне
целата нејзина јама гробна.
А в длабок, темен бунар ја фрлив;
згора камења – купишта цели.
Но сега од мене не се дели
споменот – срцето ми го прли.
Во име на една клетва стара
што си ја дадовме безброј пати,
за пак минатото да се врати,
да се сретнеме од нејзе барав.
Ѝ закажав средба крај пат темен,
далеку од сите, вечер една.
И таа дојде – улавка бедна!
Лудоста секогаш во нас дреме!
Во неа уште имаше убост,
но покриена веќе со сивост.
Ѝ реков „Оди од овој живот!“
сè уште преполн со страсна љубов.
Кој ќе ме разбере? Зар му иде
на ум на некој од браќа жедни
во нивните ноќи мрачни, бедни,
-виното покров смртен да биде?
Тој џган бездушен, преполн со грубост,
како железните справи страшни
ни в ладни зими, ни в лета прашни,
не дозна што е вистинска љубов
со нејзините магии темни,
со стравот в пеколен рој што ползи,
со нејзините отрови, солзи,
со звук на пранги и коски лемни!
-На крај, слободен сум и сам, еве!
До бесвест вечерва ќе си пијам;
без лоша совест после ќе спијам
лежејќи на земја место в кревет.
Како пес ќе втонам во сон-мора!
Кола што коњи низ пат ја влечат,
натоварена со песок, речна,
или вагон бесен, в темна зора,
да ми ја здробат главата можат,
или низ мене да минат право.
Баш ми е гајле за нив, за ѓавол,
или за света трпеза божја!
Виното на самотникот
На заводлива жена погледот полн со тајни
што очите наши како луна ќе ги плисне
со бел зрак, кога таа над езеро ќе висне,
капејќи си ја убоста во ноќите сјајни;
во рацете на играчот златниците задни;
разузданиот бакнеж на Аделина блудна;
звукот на музиката возбудлива и чудна
што прилега на крикови на луѓето страдни;
сето тоа не е вредно, о длабоко шише,
колку твоето богатство, твојот мевлем скришен,
што го чуваш за поетот побожен и жеден;
со грстови надеж, младост, живот ти му даваш
и гордост – тоа богатство на човекот беден –
која напоредно со боговите нè става!
Виното на љубовниците
Колку убаво е денес време!
Без узди, мамузи и без стремен,
да одјаваме на коњот-вино
кон самовилското небо сино!
Како ангели што жед ги мачи
да полетаме в шир што зрачи
низ ова кристално утро сега
по мечта далечна што ни бега!
Врз едно крило нишани меко
на премногу умен вител некој,
во делириум што ни е двоен,
сестро моја, со бок покрај бокот,
да запливаме без одмор, спокој,
кон царството на сонот мое!