Каде е Македонија на светската винска мапа?

За десет години површините со лозје се намалиле за близу 1.400 хекатри. Според последните статистички податоци лозовите насади во земјава се застапени на 23.613 хектари, за разлика од 2007 година кога површните под лозје зафаќале близу 25.000 хектари. Производството на вино изнесува 78, 5 милиони литри наливно вино и 28,05 милиони литри флаширано вино. Статистичките податоци покажуваат дека вредноста на извозот на вино изнесува 47,7 милиони евра. Сепак во делот на извозот, и понатаму поголеми се количествата на извезено наливно вино во споредба со извезеното флаширано вино. Еден од најголемите проблеми на лозарите е наплата на своето производство, иако е законски регулирано да наплатата оди до одреден датум, сепак цената на винското грозје ретко се исплатува според сортиментот и квалитетот на грозјето, вели во интервју за Фактор проф.д-р Михаил Петков, од Катедрата за винарство и лозарство при Факултетот за земјоделски науки и храна.

Фактор: Зошто наместо да се зголемуваат, површините со лозје се намалуваат, има ли Македонија потенцијал за зголемување на лозовите насади?

Петков: Еден од најголемите проблеми на лозарите е наплата на своето производство. Иако е законски регулирано да наплатата оди до одреден датум, сепак цената на винското грозје која ретко се исплатува според сортиментот и квалитетот на грозјето е еден од условите за намалување на површините, како и пренамена на лозарските парцели кон други култури кои во моментот се подоходовни.Производството на грозје и вино во последните години стагнира во однос на количините, додека пак се забележува зголемување на квалитетот на одредени тиопови вина, како и зголемен интерес за производство на вина со контролирано потекло. Ова е особено важно за подобрување на можноста за пласман на вината на надворешните пазари, како вина со повисок квалитет и нормално повисока цена.
Фактор:Годинава поради актуелнатаполитичка состојба се доцни со исплатата на субвенции, но се доцнело и претходни години, колку им се важни субвенциите на земјоделците и дали сегашната сума е доволна за развој на лозарството?

Петков:Субвенциите кои ги добиваат лозарите во многу помагаат за тековното работење во лозарското производство. Меѓутоа според моето мислење неопходно е да се изврши поинаква распределба на субвенциите, според сортиментот и лозарската локација, како и квалитетот на добиеното грозје. На пример, несоодветно е да се добива еднаква сума на субвенции за лозови насади кои се наоѓаат на рамни предели, најчесто на некарактеристични лозови предели, со сорти кои даваат висок принос но со слаб квалитет, и лозови насади кои се наоѓаат на карактеристични лозови предели, под наклон, без вода и сортимент кој дава висок квалитет но со многу помал принос.

Фактор:Според статистиката и натаму имаме поголемо количество на производство на наливно вино (78 милиони.литри) наспроти флаширано вино (28 милиони литри), како до поголемо производство на флаширано вино кое носи и поголем профит?

Петков:Доколку има можности за реализација на финализирано вино во амбалажа на светските пазари, количеството на поквалитетно вино лесно ќе се зголеми. Македонските винари знаат и можат да произведат поголеми количества на квалитетно вино, меѓутоа производството на вино генерално се одвива според пазарите и клиентите. Се додека од нас се бара големо количество на наливно и евтино вино, винарите немаат голем избор околу производството на квалитетно вино. Се се врти околу маркетингот и можноста за пласман на квалитеттно вино на пазарот.

Фактор:Дел од винарските визби сеуште доцнат со исплатата на грозјето, колку непочитувањето на договрите особено во делот на исплатата влијаат врз одлуката на лозарите да се занимаваат со оваа гранка, да инвестираат и да ги зголемуваат површините или да ги копачат?

Петков:Паричните средства кои ги очекуваат лозарите за својата берба се од есенцијална важност за продолжување на производството, односно плаќање на тековното работење. Секое намалување на средствата негативно се одразува на крајниот квалитет на готовиот производ, односно винското грозје, а со самото тоа и на виното.

Фактор:Каква е состојбата со сортиментот, има ли некакво подобрување и што треба да се напарви во овој дел?

Петков:Повторно се врти работата околу финансиските средства. Иако во нашиот сортимент се застапени многу од светски познатите сорти на винова лоза, кои патем даваат одличен квалитет, сведувањето на откупните цени кај голем дел од винарските визби на „бело“ и „црвено“, наместо категоризирање според сорта и квалитет на грозјето од соодветна сорта, директно влијае врз порастот на насадите од поквалиттните сорти. Најголемиот дел е засаден со смедеревка од белите и вранец од црвените сорти, односно сортимент кој во моментот најмногу одговара за потребите на винарите, односно производство на вино со послаб квалитет за поевтино наливно вино. Сепак, не би сакал да ги злоупотребам како сортите, така и вината добиени од смедеревка и вранец, затоа што веќе е докажани и сведоци сме на извонредни вина добиени од овие сорти, особено на виното Вранец, кој станува и заштитен знак на македонското винарство.

Фактор:Каде е Македонија на винската карта во странство и како до подобра позиција?

Петков:Според големината на лозовите насади, како и вкупното количество на преработено вино, Република Македонија учествува со нецел процент во светското производство. Според застапеноста на производството се одредува и местото на мапата. За жал сеуште голем број на вински консуматори не знаат за македонските вина, иако имаме добри сигнали од повеќе пазари каде нашето вино добро се продава и се бара. Подобрувањето на оваа состојба ќе биде долго, тешко и скапо. Неопходно е присуство на сите позначајни вински настапи, со здружени презентации и остварување на бренд „МАКЕДОНСКО ВИНО“, кое со квалитетот и особеноста ќе треба да се избори за своето место.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *