Производство на вино во домашни услови, беше насловот на предавањето наменето за индивидуалните преработувачи на грозје, кое се одржа синоќа во Кавадарци во организација на Здружението на винари на Македонија. Со тоа беше означен стартот на манифестацијата посветена на младото вино, која годинава ќе се реализира по четврти пат, а во рамките на која денеска е дегустацијата и оценувањето на вина од домашни производители, а утре ќе биде доделувањето на наградите за најдобрите.
Претседателот на Здружението, магистер Игно Тасев како предавач, се осврна на повеќе моменти кои се значајни кога се произведува вино во домашни услови. Најави повеќе вакви настани во иднина.
-Целта е дополнително да се едуцираат индивидуалните производители на вина, за да можат во своето производство, покрај традицијата и своето знаење, да ги вметнат и енолошките решнија кои ги нуди новото време. Се со цел подобри производи и можност во иднина да развијат мали семејни бизниси, рече Тасев.
Заменик претседателот Елена Богева нагласи дека од година во година, се зголемува интересот кај индивидуалните винари да учествуваат на натпреварот за најдобро вино кој го организира Здружението. А квалитетот на пристигнатите мостри, додаде, е се подобар. Изрази задоволство и од големиот интерес на тиквешани за оваа манифестација.
-Заинтересираноста за вакви и слични предавања и курсеви е се поголема, големо беше задоволството кај присутните на предавањето вечерва, па затоа на нивно барање, Здружението планира ваквите едукативни предавања да бидат почести во наредниот период и тоа не само за време на оваа манифестација, туку и преку целата година, додаде Богева.
Предавањето се одржа во просториите на дисперзираните студии при Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип, во рамките на традиционалната соработка која Здружението ја има со Земјоделскиот факултет при тој Универзитет.