Почна да ја негува Фергусон пред неколку години, а на средбата со шише вино после натпреварите, тренерите дискутираат за тактиката, за перспективата и општо за животот. Само Венгер не пие никогаш со противничките тренери.
Оваа традиција ја негуваат тренерите домаќини кои ги канат гостинските колеги. Конте и Гвардиола на пример, веднаш ја прифатиле оваа убава традиција. Ван Гал и пристапил грубо, па еднаш го налутил Сем Алардајс: „Секогаш го викам гостинскиот тренер во канцеларијата, да се напиеме и да помуабетиме за мечот. Бев непријатно изненаден кога Луј Ван Гал не ме покани по нашиот меч со Манчестер Јунајтед. Ферги секогаш викаше на шише вино“, се сеќава тренерот на Евертон и поранешен селектор на Англија.
Роберто Манчини кога дошол во Манчестер Сити им дал некоја диета на играчите во која имало и по некоја чаша вино. Италијанецот еднаш засекогаш „го купил“ и Фергусон:
„Највкусно вино? Ми го послужи Манчини после мечот со Сити. Пиевме чудесна Sassicaia“.
ОД КАДЕ ПОЧНАЛА ОВАА ТРАДИЦИЈА?
Алекс Фергусон дошол во Манчестер Јунајтед во 1986 година и тој прв викнал гостински тренер во својот кабинет после мечот.
„Ја започнав традицијата на разговори после натпреварите со бокал добро вино“, рекол Сер Алекс пред 30 години во едно интервју за Telegraph.
Интересно и малку познато е дека во младоста Ферги имал сопствен паб и дека обожавал да пие вино.
Во 1971 година, тогаш 33-годишниот Ферги бил познат фудбалер во Шкотска и сакал да се проба како тренер. Во единствениот клуб (Ист Стерлингшир) кој се согласил да му даде шанса му предложиле 40 фунти неделно.
Ферги брзо заработил некоја пара, купил бар и го нарекол во своја чест „Ферги-бар“. Во автобиографијата која што ја издаде во 2013-та година, сер Алекс пишува дека таа „келнерска“ работа му помогнала подобро да ја запознае човековата природа, страста и желбите кај луѓето.
Кога го отворил пабот уште не се разбирал многу во вино, па на годишнина од свадбата купил шише вино за 15 фунти. Жена му Кети за малку не го избркала од дома поради тоа што бил опседнат со фудбалот: „Имаш ли памет ти? Најди си некое хоби надвор од теренот, опседнат си со играта, во такво темпо ќе се убиеш себеси“.
Така Фергусон почнал да пројавува интерес за винарство. Бесповратно се вљубил во виното во зимата 1991 година, кога Манчестер Јунајтед гостувал во Монпелје на дуел од четвртфиналето во Купот на Куповите.
Сега Сер Алекс има виногради во Јужна Африка, а ги обожава италијанските црвени суви вина: Tignanello Antinori (елитно вино со добро избалансиран вкус на овошни ноти од јагода и ванила кое лежи со месо или сирење), Ornellaia (посилен овошен вкус тесно поврзан со листови од тутун и зачини), Sassicaia (магичен микс и вкус на вишна, сочна јагода и зачини), како и Brunello di Montalcino (посилен концентриран вкус кој добро оди со говедско месо, бифтек од Фиренца или тестенини со мелено месо).
Сер Алекс Фергусон одгледува разни сорти вина, се дружи со вински писатели и со телевизиски кулинари како Оз Кларк (еден од најпознатите авторитети и дегустатори на вино во светот) и со винскиот трговец Џон Армит. Во 2014-та година Фергусон произвел сопствена колекција од свое вино и пуштил само 5.000 шишиња на аукција.
„По завршувањето на кариерата имам повеќе време за патешествија за нови вина“, изјави легендарниот Шкотланѓанец.
Најскапото вино коешто го поседувал во колекцијата било бургундското вино Domaine de la Romanée-Conti од 1997 година кое што чини 160.000 долари. На аукцијата го продале за 3 милиони фунти. Алекс средставата ги вложил во патешествија и запознавање со нови сорти вино а во 2015-та дал 250.000 фунти за развој во областа на онкологијата.
Жозе Мурињо исто обожува да седне на вино.
„Тој беше полн со емоции. Ме викаше бос и добриот човек кога пиевме после првиот меч“, се сеќава сер Алекс.
За воља на вистината, Жозе не се справувал добро со изборот на вино.
„Ако нашата беседа продолжеше, продолжувавме и со виното. Еднаш ми предложи едно вино со силна црвена боја“.
Сер Алекс раскажал дека Роман Абрамович една недела подоцна му пратил пакет елитно тосканско вино Tignanello.
КОЈ ОДБИВА ЧАША ВИНО?
Единствениот кој не ја негува традицијата на Фергусон е Арсен Венгер. Сер Алекс еднаш раскажал:
„Тој никогаш не дојде на чаша вино после мечот. Арсен е единствениот тренер во Премиер лгиата кој никогаш не го прави тоа. Би било добро ако се предомисли“.
Медиумите еднаш го прашале Французинот за саботажа на традицијата, а тој просто се потсмеал со Британците кои љубат вино: „Јас не пијам виски“, кратко одговорил.
А не е дека Арсен Венгер не сака вино. Во пролетта 1998 година го гледал четвртфиналето од ЛШ Манчестер Јунајтед – Монако и со вино го прославил голот на Давид Трезеге со кој Манчестер испаднал од турнир. Следниот ден Французинот не можел да го води тренингот од мамурлук и помошникот го заменувал.
Во четвртфиналето на англискиот Лига Куп неодамна, тренерот на Бристол Сити Ли Џонсон кој го елиминираше големиот Манчестер Јунајтед изјави: „Се надевам дека после мечот Мурињо ќе пие вино со мене.“ За таа прилика тој разбрал кое е омилено вино на Португалецот и од Португалија нарачал шише Barca Velha, но Жозе не дошол.
После мечот се поздравиле а Мурињо наводно немал време.
НЕПРИЈАТНИ МОМЕНТИ СО ВИНОТО
На 3 април 2010 година Челси го совлада Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“. Карло Анчелоти заедно со помошникот Реј Вилкинс тргнал кон кабинетот на Фергусон на чаша вино, но вечерта Сер Алекс бил толку лут што избрал да гледа телевизија и ги игнорирал колегите.
Карло и помошникот се напиле по една чаша и за 5 минути заминале.
Во мај 2011-та главниот тренер на Блекбурн, Стив Кин западнал во неволја по седенката со Фергусон. Мечот на „Ивуд Парк“ завршил нерешено, Манчестер ја изгубил трката за титулата, а Кин го спасил Блекбурн од испаѓање во втора лига.
Тренерот на Блекбурн во еуфорија испил две шишиња црвено вино а после средбата седнал во својот „Мерцедес“ и направил сообраќајка. На трасата М6 во Чешир Кин возел 145 км/час и се слупал. Негирал дека пиел, но алко-тестот покажал над нормата. На Стив му ја зеле возачката на 18 месеци и го казниле 1.800 фунти.
ДАЛИ САМО ВО АНГЛИЈА ТРЕНЕРИТЕ ПИЈАТ ПОСЛЕ МЕЧОТ?
Може да се каже да. После заминувањето од Манчестер, Дејвид Мојес потпиша со Сосиедад и сакал традицијата со вино да ја пренесе во Шпанија.
„Прашав неколку тренери дали сакаат после натпреварот да седнеме на вино или пиво. За жал никој не ја прифати мојата покана. Во Шпанија се ограничени разговорите меѓу тренерите“, вели сегашниот тренер на Вест Хем.
Во Франција исто нема таква традиција иако оваа земја важи за најголем одгледувач на вино.
Во 2008-ма година Јунајтед и лично сер Алекс сакале да го земат Карим Бензема од Лион. Претседателот на францускиот клуб Жан-Мишел Ола не сакал да го пушти напаѓачот по ниедна цена па вешто се извадил од непријатната ситуација:
„Ја уважуваме вашата традиција и на Фергусон ќе му пратиме шише француско вино одгледано во градот во кој се роди Бензема. Виното е од 1987 година кога тој е роден. Место Карим, ќе му дадеме шише вино“, рекол Ола.
Италијанецот Антонио Конте брзо се навикнал на англиската традиција: „Многу сакам црвено вино, но тешко ми беше да пијам после мечот ако мојата екипа изгуби“, признава Конте.
На прашањето дали би можело во Италија да се пренесе тој британски обичај, Антонио рекол: „Во Италија има совршено поинаква култура, така што да се соберете и пиете вино после мечот е практично невозможно“.