Иванов им подари вина на регионалните државници брендирани со нивните имиња

По завршувањето на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо Бриони во петокот вечерта, во хотелот Парк, претседателот Иванов беше домаќин на вечерата за претседателите и нивните делегации.

На вечерата присуствуваа претседателите на Хрватска, Колинда Грабар Ќитаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Илир Мета, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

За високите гости беше подготвено врвно мени со традиционални македонски специјалитети, a за пријатната атмосфера на вечерата се погрижи етно бендот Баклава којшто на гостите им приреди пријатно изненадување со изведбата на песната „Ој, девојче, девојче“ на сите јазици на земјите учесници на состанокот на лидери од процесот Брдо Бриони, одржан во Скопје.

Во знак на внимание, а согласно протоколот, претседателите добија подароци од домаќинот, македонскиот претседател на вечерата: палета на гурмански производи од македонското поднебје, меѓу кои и македонски ајвар, колекција на чаеви, македонски мед, македонски вина брендирани со имињата на претседателите, а меѓу подароците се најде и англиската едиција на книгата „Душата на Македонија“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *