И годинава, во пресрет на големиот христијански празник Свети Архангел, планинарското друштво Free Hikers организира планинарски марш по патот на виното “In vino veritas – Во виното е вистината”.
Како и минатата година, така и годинешното издание кое е закажано за во четврток, 18 ноември, планинарскиот марш по патот на виното ќе опфати голем дел од непрегледните плантажи на винаријата Долни Дисан.
„Потеклото и значењето на името Долни Дисан, доаѓа од македонскиот јазик најверојатно од глаголот дише, како што наведуваат на преданијата за неговиот настанок. Според предание и толкување прибележано во селото, некој поп од Мариово откако го посетил овој крај раскажувал за местата со најубав воздух, каде најубаво се дише, па оттаму настанало името Дисан. Лозјата на винаријата Венец претежно се наоѓаат во триаголникот Долни Дисан, Горни Дисан и селото Вешје, каде што микроклимата и тероарот го даваат најдоброто грозје во земјата. Лозјата се наоѓаат на надморска височина од 250 до 500 метри, а на 70 проценти не им е потребно наводнување. Венец е една од двете винарии во Македонија што одгледува многу повеќе грозје од што е потребно за нивното производство на вино. Оваа винарија им продава грозје на речиси сите винарии во земјата“ – се вели во првичниот дел од информацијата.
Турата ќе започне од Долни Дисан, на надморска височина од 300 метри, а вкупната должина на кружната траса од 18 километри се очекува да биде помината за 6 часа. Организаторите обезбедија автобуски превоз од Неготино, ручек и вино од винарската визба „Венец“, како и незаборавна целодневна забава.
Пријавувањето е на следниве броеви
– Ахмет Муратов 072/216 754 и
– Бојана Андонова 075/535 436
а секој учеснис со себе треа да понесе разгазени планинарски чевли, планинарски стапчиња, капа, ракавици, топла јакна, очила за сонце, вода, суво овошје, сендвичи и електролити.
Организаторите напоменуваат дека секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици. Наведените планинарски акции се организирани и движењето ќе се одвива во група предводена од организаторот и водичите. Секој учесник може да биде исклучен од групата поради недолично однесување.
Организаторот и водичите го задржуваат правото за измени на термините и редоследот на наведените планинарски акции, во зависност од временските услови и останати технички препреки.