Во животот нема случајности е една од моите омилени констатации, а по кој знае кој пат се уверив дека е тоа така на третото издание на Винодонија 2018. На најголемиот македонски вински салон кој на 23 и 24 ноември се оддржа во хотел Мериот во Скопје ништо не беше случајно, никој не дојде случајно, како што не се ни случајно произведени врвните вина од триесет и двете винарии кои има свои изложбени штандови.
И годинава, рамо до рамо, еден до друг, со идентични услови и можности за презентација своите вина ги претставија и големите и малите винарии, потврдувајќи го винското богатство кое го има Македонија, но и споделувајќи ја подеднакво страста кон виното. Големите присутни да го потсетат конзументот дека и покрај борбата за светските пазари, сеуште ги почитуваат домашните, македонски потрошувачи, а малите и новите винарии да се промовираат и покажат дека и тие можат.
Винска витешка борба со вкусовите оваа 2018 година на Винодонија. Борба на вкусови помеѓу малиот милион варијации на автохтоните сорти на грозје кои сеуште не се предаваат и ја чуваат тајната на Македонија, и нови специфични француски, италијански, аргентински брендови од новото ѕвездено винско небо.
Портите за влезот во царството на неговото височество, виното, беа отворени во петокот, 23 ноември. Како добри домаќини, поздравниот говор и првата здравица им припадна на домаќините кои ни посакаа добредојде на Винодонија. Веднаш потоа, го започнавме нашето возбудливо патување од штанд до штанд, од винарија до винарија, подготвени да ја вкусиме, слушнеме и раскажеме приказната на идејните творци, енолози, винари, комерцијалисти, промотори, презентари, дегустатори, сомелиери, боеми и уметнички души.
Како и на минатото издание, така и на ова, започнавме со емотивната средба со нашиот стар пријател од кавадаречката чаршија. Од едната страна господинот Ѓорѓи Наумчев, полн со енергија како и неговина вина, кој со часови ја раскажува неговата винска приказна а од другата страна ние,негови долгогодишни пријатели и редовни дегустатори на целата палета од вина направени со стаст.
На штандот број два, фаворитот на нашиот боем, винарската визба Милев „ГД-Тиквеш“ повторно беше во центарот на вниманието. Фианото кое минатата година беше вистинско откритие повторно беше во фокусот на присутните, но сега веќе како препознатлив бренд. Се разбира, не изостануваа и сите претставници од линијата Вирго, кои многу наскоро ќе добијат сосема нов, модерен изглед како дел од развојната стратегија на винаријата која вклучува и нови инвестиции во самиот производствен процес.
Разговорот на кавадаречки дијалект продолжи и на следната маса, која заеднички ја делеа малите бутик винарии, Бади и Пешков. Задоволството да се сретнат млади луѓе кои се толку силно заразени со вирусот за производство на врвно вино е огромно, особено во време кога се помал е бројот на нивни врсници кои се решени да се „борат со земјата“ за да произведат врвно вино. Винаријата Бади понуди две сосема органски вина Каберне Совињон од нормална и од касна берба со висок процент на алкохол и големо буке.
За разлика од Бади, Пешков се претстави со смедеревка, темјаника и вранец, произведено од своите сопствени лозови насади. Признанијата од изборот за најдобри млади вина оддржан во Кавадарци минатата недела се потврда за нивниот квалитет, но и поттик за понатамошна работа и вложување.
Дегустацијата на вината на Serena Wines сама по себе ја раскажа приказната за винаријата која започнува уште од 1881 година, потврдувајќи зошто Италија е светска винска сила. На масата до нив, големиот словенски бренд на кои се сеќаваат сите кои барем малку фатиле дел од заедничката држава на југословенските народи, винаријата Радгонске Горице која поставува нови стандарди во светот на пенливите вина. Премиерното претставување на Винодонија ја донесе и најавата за големото враќање на македонскиот пазар на најнаградуваните словенски вина на сите најзначајни светски вински собири.
Препознатлива по своите бели свежи вина, винаријата Лазар е познато име на македонската винска сцена, кое е редовен дел од Винодонија. Како и на минатото издание на издание, не освоија со нивните „Темјаника“ и нашата омилена „Грашевина“, но и со црвените вина кои не заостануваат по ништо во квалитетот зад белите.
За разлика од сите винарии кои вложуваат силни пари за маркетинг за да ги донесат консументите до нивните вина, винаријата Мал Свети Климент го нема овој проблем, особено во лето, кога Охрид буквално „врие“ од туристи. Чашата врвно вино за добредојде на секој турист од подзабораевната античка сорта Памид која е толку типична за охридскиот регион ги заменува сите потреби од дополнителни вложувања во сите сегменти, па дури и на самиот амбалаж.
Можеби највозрасен на салонот, господинот Ташев Ристо е сеуште полн со младешки ентузијазам и желба за производство на вино. Неговото младо шардоне, но и барикирано шардоне се секогаш преферирани од сите гости на штандот на винаријата Тристо, пред се поради нивната уникатност за која најголема заслуга имаат специфичното поднебје и грижата која секојдневно од раните утрински часови им ја посветува како што самиот Ристо.
За прв пат на Винодонија годинава ги дегустиравме вината на винаријата Изворно. Изворно доаѓаат од велешката околија, но името не е дадено по месноста Извор, туку по она исконското, древното, традиционално, она што значи традиција и дедов аманет. Три генерации по истиот пат и со истата желба, да се стигне до секоја македонска трпеза, со врвни вина произведени на традиционален начин.
Винаријата Попов полека прераснува во голем играч на македонската винска сцена. Со четирикратно зголемено производство на грозје, винаријата Попов сега има далеку поголема можност да избере совршена суровина за создавање на вина кои ќе бидат препознаени од винољубците. Оваа година на Винодонија за прв пат пробавме Каберне Франк, Пино Гри и Гевурс Траминец како и неколку одлични купажи кои можат да се најдат на полиците на македонските маркети, но и низ многу земји низ светот.
Покрај Радгонске Горице, на Винодонија и годинава честа на словенските вина ја бранеа и вината на Пуклавец, кои се веќе познати на редовните гости на најголемиот македонски вински салон.
Ако некој ги поместува винските граници во Македонија, тоа со сигурност е винаријата Стоби. На една година пред нивниот прв голем јубилеј, 10 години постоење, Стоби направи нешто што некој не може да го направи ни за сто години. Тој нивен постојан подем, таа нивна желба и страст како од првиот ден да се докажат пред светот дека доаѓаат од древната Македонија, каде што од времето на Аминта се произведувало вино, оваа 2018 година отпатува дури до Пекинг. На Винодонија годинава пробавме дел од нивната Private Reserve колекција.
Со бренд граден врз спојот на македонското гостопримство, гастрономија и врвни вина, винаријата Попова Кула е типичен пример дека и ние имаме приказна која можеме да ја раскажеме. Се разбира, нивниот спаринг на локејвр производи и автохтоната станушина е оној кој уште долги години ќе биде добитна комбинација.
Присуството на Бовин на Винодонија и годинава беше причина многумина да се израдуваат на интимните средби со врвните My Way, Аѓупка, Император… Од друга страна, во годината во која прославува 20 години успешно опстојување, Бовин е пример за сите приватни винарии дека патот до успехот е возможен и реален ако се следи поставената мисија.
Шато винаријата Сопот е една од најпосетени винарии во Македонија, па речиси и да немаше некој кој не е запознаен со нивните вина. Ресторнот од отворен тип и одличната местоположба се една од причините за тоа, се разбира како и нивните одлични вина кои се типичен претставник на велешкото виногорје.
Црногорската сцена ја бранеа три винарии, Прича, Кнежевиќ и Мола. Впечатокот е дека Црна Гора цврсто чекори по патот на виното, иако го почитува коментарот на македонската публика на Винодонија.
Интернационалната хоризонтала ја продолжија винариите Томаж од Хрватска, Милосавлевиќ и Ботунац од Србија и Фантинел од Италија, секој со свои варијации од познати сорти на вина.
Далвина е современа винарија која со години покажува дека за да го постигнеме квалитетот, мораме да го оставиме македонскиот менталитет зад себе и сериозно да вложиме во се она што е тренд во винската индустрија. Горди што вината на Далвина се дел од големите европски и светски вински метрополи, уживавме и на оваа Винодонија да ги дегустираме нивните вина.
Камник е секогаш посебна приказна, па и на оваа Винодонија. Со речиси распродадени вина од минатата реколта, сеуште младото вино од новата година стигна во нефлаширана верија, што пак не беше никаков проблем за присутните уште еднаш да ја пробаат на далеку познатата Темјаника на Камник.
Во продолжение беа претставниците на скопските фамилијарни бутик винарии Картал и Кувин кои имаат свои специфични вина, делумно создадени од вина од скопскиот регион, но и од одбрани гроздоби од Тиквешијата.
Со симпатични дизајни на своите етикети, Певац освен по своите ракија од сите можни овошки, полека стануваат и препознатливи по своите вина кои привлекоа огромно внимание кај присутните.
Прв пат на Винодонија ги запознавме и вината на Винар, кои дојдоа срамежливо, но оставија силен впечаток со нивните вина.
Секако, ваков собир не би поминал без вината на Тиквеш, булдужерот на македонската индустрија која го трасира патот во винскиот свет.
Винското патување го завршуваме на штандот на винаријата Брзанов, мала скопска винарија која отскокнува од просечноста на домашните винарии, и гради свој специфичен вкус и бренд кој е препознаен и на балканските вински самити.
Како и претходните две изданија, и годинешното не помина без внимателно одбраните теми за работилници, дегустации по вертикала на архивни вина, но и присуство на производители и дистрибутери на различни типови на млечни производи, како на пример Олд Амстердам и Осоговски.
Полни со нови вински искуства и пријателства, тргнавме назад кон Кавадарци, каде што утре на наше задоволство повторно ќе сретнеме барем половина од ликовите со кои се дружевме овие два дена на Винодонија. Очигледно, на Кавадарци виното му е судбина, а тоа го потврдивме во нашата омилена локација на старата кавадаречка калдрма, во скара Златна Рипка, дружејќи се со младите вина на Јаковлевски.
Во матицата, тука во нашата омилена крчма, каде што ги создаваме силните поетски мисли преточени во писанија, бараме уште една искра со чаша полно рујно вино како инспирација за следната авторска книга на некој од тајфата боеми на библиска Македонија.
Се гледаме следната година, на новото издание на Винодонија.
Автори: Душко Стефанов и Даниел Уневски
Фотографи: Љупче Кузманов и Ристе Стамаџиев