Иако зимата пополека се повлекува со сите свои негативни епитети, но сеуште не е доцна да си приуштиме некои од нејзините благодети, како на пример некое зимско слатко задоволство.
Вареното зачинето вино е првиот мирис кој асоцира на тоа, а зрелите круши се плодови во чиј вкус сеуште може да се ужива во овој период од годината. Заедно би биле совршен пар, па ајде да ги спариме.
Потребни состојки:
4 поголеми круши
400 мл црвено вино Вранец
200 мл маџун
1 стапче цимет
2 парчиња ѕвездест анасон
Начин на приготвување:
1.Излупете ги крушите;
2.Наредете ги во длабок сад за варење и прелијте ги со виното и маџунот. Додајте ги циметот и ѕвездестиот анасон;
3.Варете на умерена температура 1 час додека крушите не омекнат, но внимавајте да не се распаднат;
4.Оставете ги да се оладат;
Совет:
Сервирајте ги крушите во подлабок сад. Додајте од течноста во кој се вареле и декорирајте со стапчето цимет и топка млечен сладолед. Иако е сеуште зима, комбинацијата на зачинето вино и млечни масти од сладоледот добро ќе ве згреат и ќе го заштитат вашето грло, а за вашето непце ќе биде вистински празник.
Уживајте!