Во изминатите две-три години Португалија се повеќе станува привлечна за туристите и од нашите краеви. Порто, Лисабон и брегот на Атлантикот нудат многу возбуда, но доколку сакате едно поинакво патување низ Португалија, тогаш посетете ја долината Дуро. Лоцирана во северниот дел на Португалија, природата не само што не се штедела да го направи ова парче на земјата преубаво, туку и му подарила совршена клима за одгледување грозје и правење врвно вино.
Традицијата на одгледување на лозови насади и производство на вино се одвива векови наназад, а освен со бескрајни лозови насади, винскиот регион Дуро е исполнет и со прекрасни и драматични пејзажи поради кои срцето ќе ви прескокне отчукување од среќа и неверување.
Истражувајќи го регионот ќе вкусите прекрасни локални вина и храна. Ќе се опиете од глетките околу вас, ќе вдишете поинаква култура и парче историја.
Она што е најинтересно е пловењето по реката Pinhão низ долината Дуро, а самата пловидба може да трае од неколку часови до неколку денови, со попатни застанувања во околните хотели, или пак на бродот доколку истиот нуди сместувачки капацитети.
Долината Дуро е совршена во текот на целата година, но пролетта е особено магична. Температурите се топли и пријатни, боите се посветли, а регионот сè уште не е преплавен со туристи.
Тивкиот предел со гостопримливи домаќини ќе ви го донесе долго посакуваниот мир, а доколку сè уште не сте убедени, погледнете ги фотографиите или пробајте да пронајдете некое од локалните вина кои сигурно ќе Ве убедат да ја ставите долината Дуро на Вашата листа за места кои морате да ги посетите.