Со летните кампови на спортските академии спортска сала „Јасмин“ Кавадарци и „Тим Спорт“ Неготино, и официјално започнаа летните смени во одморалиштето „Михајлово“ кое и годинава ќе прими повеќе од 1000 дечиња.
„И оваа година сместувачките капацитети на „Михајлово“ ќе бидат во целост исполнети. Младите кошаркари и кошаркарки се нашите први гости годинава. И самите тренери потврдуваат дека идните кошаркарски ѕвезди од тиквешијата ги имаат сите услови не само да ги усовршат своите кошаркарски вештини, туку и да ја подигнат својата кондициона подготвеност“ – ни рече меѓу другото раководителот на одморалиштето, Љупче Глигоров.
По младите кошаркари, веќе од среда пристигнуваат првите смени од основните училишта, а новина е тоа што годинава освен кавадарчани кои се редовни гости, во благодетите на едно од најубавите одморалишта во земјата и прекрасната природа на Кожув планина ќе уживаат деца од повеќе градови во Македонија.
„Како одморалиште се погриживме и годинава да ги подобриме условите за дечињата да добијат одлични услови и незаборавен помин. Од ова лето ќе имаме и тим на аниматори кои што со бројни игри и активности ќе им го направат престојот на дечињата и повеќе од забавен“ – дополнува Глигоров.