Ревија на моќни мотори, очекувано присуство на голем број пријателски клубови од цела Македонија, жесток рокенрол, моторџиски игри, дружење и забава за паметење донесе првиот мото собир кој во организација на „Тиквеш Рајдерс“ изминатиот викенд се оддржа во Моклиште.
Како што беше и најавено во официјалната програма, кампинг зоната беше отворена за првите гости уште во петокот, кои им се приклучија на „Тиквеш рајдерс“ во реализацијата на претпладневната саботна програма која вклучуваше посети на манастирот „Свети Никола Моклишки“, градскиот парк, спомен костурницата, Музеј галеријата, компанијата „Кожувчанка“ ДОО, и црквата „Света Петка“, по што следуваше дефиле низ централното градско подрачје и дружење со кавадарчани на градскиот плоштад.
Од градските улици, возбудата и звукот на моќните машини на две тркала се пресели во фестивалската зона. Се започна со реваншот во влечење јаже помеѓу „Тиквеш Рајдерс“ и „Тиквешки точакџии“ кој повторно му припадна на кавадаречките моторџии, за потоа во играта да се вклучат и останатите мото групи. Следуваа натпревари во фрлање на гума и брзо пиење на пиво, кои го привлекоа вниманието на околу 2000 гости, за по кратката пауза да следува жестоко рокенрол шоу кое на бината го приредија Eruption, Troya, Smoke Shakers и Fusion Band, а кое траеше до раните утрински часови.
По бурната вечер, неделното утро освен за чистење на околината, беше резервирано и за евоцирање на спомените кои дефинитивно ќе траат до наредниот мото собир кој ќе го организираат „Тиквеш Рајдерс“.