По Цеце Димова, Цветанка Крстевска и Никола Кицев, 16 годишната Тијана Митрева е четвртата кавадарчанка која ова лето ќе го облече дресот на македонската кошаркарска репрезентација. По 20 дена подготовки со репрезентацијата, Митрева за прв пат во својата кариера ќе биде дел од Европското првенство Б Дивизија за кошаркарки до 16 години кое од 5 до 18 август ќе се игра во Романија, а токму младата кавадарчанка чии идоли се Леброн Џејмс и Едина Муса е еден од лидерите на тимот кој најавува добар резултат.
www.kavadar4e.com: Пред тебе е Европското првенство во Романија. Подготовките се веќе во завршна фаза, па како ти гледаш на се она што го сработивте во изминатите 20тина дена.
Тијана Митрова: Имавме одлични подготовки, работевме напорно, и мислам дека сме спремни за еден ваков голем настан, не само за мене, туку за сите девојки од репрезентацијата.
www.kavadar4e.com: Ти си главниот разигрувач во тимот, од кого дефинитивно ќе се очекувам најмногу, но како ти од твојата позиција гледаш на вклопеноста на тимот?
Тијана Митрова: Тимот е составен од девојки од целата земја, но со текот на времето, по 20-30 денови поминати заедно, мислам дека сме добро вклопени, одигравме пријателски натпревари со М-18 репрезентацијата, пред почетокот на првенството ќе одиграме натпревар и со репрезентацијата на Бугарија, така да очекувам уште повеќе да напреднеме како тим.
www.kavadar4e.com: Во група сме со домаќинот Романија, Полска и Белгија. Твои очекувања?
Тијана Митрова: Моите очекувања се големи, но да бидеме реални, ќе биде голем успех за нас ако се најдеме помеѓу првите девет репрезентации на шампионатот.
www.kavadar4e.com: Дефинитивно си еден од најдобрите играчи на плејмејкерската позиција во Македонија во твојата конкуренција, и во кошаркарските кругови важиш за еден од лидерите на оваа генерација кошаркарки. Ти прави ли тоа некаков притисок, или е само уште еден дополнителен мотив да го дадеш најдоброто од тебе.
Тијана Митрова: Па да, ова е мое прво големо натпреварување и имам мал притисок, но тоа нема да ме спречи да го дадам најдоброто од себе за Македонија.
www.kavadar4e.com: Играш на позицијата плејмејкер, но освен добар разигрувач, важиш и за одличен скокач и дефанзивец. Кој според тебе е твојот најголем квалитет.
Тијана Митрова: Дефинитивно играта во одбрана.
www.kavadar4e.com: Колку се дружите со девојките од репрезентацијата надвор од терените?
Тијана Митрова: Поминавме многу време заедно во последниот период и нормално е да се дружиме, а мене ме радува тоа што најголем дел од времето сите го поминуваме заедно.
www.kavadar4e.com: Кавадарци во последниот период важи за еден од најголемите кошаркарски расадници во Македонија. Ги имаме Кицев и Димова во машката, односно женската репрезентација, уште неколку играчи кои можат без проблем да го облечат дресот со државниот грб. Очигледно во Кавадарци се работи добро со подмладоците.
Тијана Митрова: Да се работи добро, имаме одлични тренери во Снежана Николовска и Елеонора Ѓорѓиева, но сеуште заостануваме доста пред се во делот на услови за напредок. Со еден тренинг дневно од еден час сигурно не може да се напредне доволно, па и јас морам да одработувам дополнителни тренинзи за да можам што побрзо да напредувам. Вежбам во теретана, имам индивидуални тренинзи и некако успевам да компензирам. За разлика од кај нас, во Скопје, особено во спортската академија го нема тој проблем со недостаток на услови за тренирање.
www.kavadar4e.com: Животот на професионалниот спортист бара многу откажувања. Ти фалат ли некои работи кои ги живеат твоите врсници?
Тијана Митрова: Па искрено не многу. Имам доволно време и за излегување и за дружење, но кошарката е мојот живот, и не ми е жал за сите откажувања.
www.kavadar4e.com: Твоите планови за иднина?
Тијана Митрова: Би сакала да отидам во Америка и да го почуствувам тој предизвик, кој е далеку поголем од европскиот. Веќе сум во контакт со Лидија Врбанова, со која сум во контакт, и се надевам дека многу наскоро ќе го остварам и овој мој сон. Желба ми е во наредните 3-4 години да го облечам и дресот на македонската А репрезентација.