Пане Хаџивасилев од Кавадарци кој има 18 години го запознав случајно на едно отварање на ликовна изложба. Не знаев што слика, но ми вети негова прва изложба. И ја направи. Помина добро, и тој се врати на обврските во училиштето, но продолжи со своето хоби – сликањето. Тој е присутен и понатаму секој ден со нешто ново и оригинално. Учествува на Ликовната колонија „Кавадарци-Михајлово“ веќе три години. Ликовната уметност му е трајна инспирација и желба. Затоа реши и да студира на Ликовната академија по завршувањето на средното образование.
Инспириран од почетокот на бербата на грозјето во Тиквешијата и Тиквешкиот гроздобер, Пане Хаџивасилев со темперни и акрилни бои, направил слика на зрно грозје.
„Сакав да создадам нешто што е оригинално, што досега никој не го направил. Бев трпелив. Три дена ја правев сликата на зрното грозје кое е со дијаметар од 3 сантиметри. Морав да вклучам две бои за бојата брзо да се суши и да остане на зрното. Сликата ќе трае, подолго време, додека е „живо“ зрното грозје, вели Хаџивасилев и додава дека инспирацијата ја црпи од секојдневието. Храната некогаш може да биде дел од неговиот цртеж. Така е створена и новата слика на зрно грозје.
Хаџивасилев е интерсесна појава во кавадаречкиот ликовен свет. Постојано трага по нешто свое, малку и воопшто недопрено. Оригиналот не го уништува, го надградува, му дава нова димензија. Употребува молив, боја, фрагменити од природните материјали, текстил, хартија и друго. Тој е трагач низ светот на убавото, и засега на свои 18 години, сметам дека успева во тоа. Му претскажувам светла иднина.