На спортскиот полигон во селото Мешеишта, синоќа, за првпат се одржа манифестацијата „Ноќ на виното“, организарана од страна на Здружението за промоција на Вино Редеш– Мешеишта. Посетителите имаа можност да вршат дегустација на вина од Винарија Охрид и Винарија Далвина, а се дегустираа и 22 домашни вина од приватни производители, кои влегоа во изборот на најдобро вино од охридскиот крај.
Првото место му припадна на Наумче Вичороски, втората награда ја понесе Мирче Карамешиноски, а третото место му припадна на Петар Калески, сите од Мешеишта. Од страна на организаторот ним им беа доделени благодарници и пристојни награди.
Пред присутните се обрати Градоначалникот на Општина Дебрца Игор Трајкоски, кој упати пофални зборови до организаторот и ги поздрави присутните, а на сите помагатели на манифестацијата им се доделија благодарници од организаторот.
За добрата забава се погрижија естрадните уметници Татијана Стефаноска, Елена Велевска и групата Маестрал бенд. Манифестацијата ја водеше Адријана Алексиеска.
Организаторот упатува голема благодарност до сите помагатели на манифестација без кои манифестацијата не би се оджала, како и до посетителите.