Конечно, после 25 години медиумско работење, прв пат пишувам без страв и цензура. Му благодарам на мојот тим vinotika.mk од срце што ги отвори портите на нашиот нов храм. За Вас, нашата крчма од синоќа и официјално е отворена, со пријатна атмосфера во легендарниот Драмски театар во Скопје кој годинава прославува 70 години успешно работење.
Свечена заклетва пред широкиот аудиориум и видните гости од цела Македонија, љубители на виното и македонската култура, полага: идејниот творец, ДУшко Стефанов – Боемот, секогаш присутниот крчмар Даниел Уневски – уредник на страна, креативниот тим Зоран Веселинов, Даниел Ванков – Даркимен, Златко Вузевски – Пајата, Анче Наневска и Ухост.мк.
Првите посетители на www.vinotika.mk беа пријателите на vinotika.mk, градоначалникот на град Кавадарци, Александар Панов и директорот на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци, Владимир Темков.
Веќе првата вест објавена пред гостите предизвика силно внимание, емоции и аплаузи. Идеата да се организира е-аукција на раритетни вина со автограмите на Петар Ангелов – Диви, Сергеј Горбок, Данил Шишкарев и останатите ВИП и селебрити гости, како и актерската екипа од ансамблот на кавадаречкиот театар, поддржани од домаќинот, Драмски театар во Скопје, а собраните средства да се донираат таму каде што е најпотребно ги освои срцата на присутните.
Посебна благодарност тимот на vinotika.mk му изразува на Марко Стојаковиќ, Chief Winemaker од винарската визба „Тиквеш“ кој исто така ја препозна добрата идеа да се подаде рака и да се помогне таму каде што е најмногу треба.
Ваквите и уште безброј убави вести поврзани со неговото височество, виното, ќе бидат секојдневие на нашиот и Ваш веб портал. Нашата единствена цел и водечка идеа е на светот да му покажеме дека Македонија ги има најубавите вина на светот, вина во кои се ужива, вина со кои се љуби, дарува и живее.
На здравје пријатели.
Душко Стефанов и Даниел Уневски