Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, одржа работен состанок со претставници на винарските визби и со лозарите. Темата на состанокот беше моментната состојба во лозарството и винарството, со посебен акцент на претстојната берба и откуп на грозјето.
Притоа министерот Николовски потенцира дека субвенциите за лозарството од Програмата за финансиска поддршка за 2017 година, со која 10 отсто беше зголемена основната субвенција, се во целост исплатени навреме пред почетокот на новата производствена сезона. За одржување лозови насади исплатени се над 745 милиони денари и за дополнителните субвенции од 2 денара за предадено грозје, односно над 134 милиони денари.
Откупеното грозје од реколтата 2017 од страна на винарските визби е целосно исплатено. Просечната откупна цена на винското грозје во 2017 година е 13,67 денари за килограм, што претставува зголемување од 11,5 отсто во споредба со 2016 година кога била 12,27 денари за килограм. „Ова е највисоката просечна откупна цена во последните шест години. Оваа година се очекуваат повисоки откупни цени на грозјето, пред сè поради зголемената побарувачка на глобалниот пазар. Винарските визби немаат резерви и најавуваат откуп од речиси 143 милиони килограми“, велат од Министерството.
Според процените на МЗШВ и на винарските визби, оваа година се очекува да биде поволна од аспект на извозот и вредност на извозот ако се има предвид дека заклучно со април годинава вкупниот извоз на вино од Македонија бележи пораст од 8 отсто од количина и 11 отсто од вредност, а просечната цена од единица мерка бележи пораст од 3 отсто во споредба со истиот временски преиод во 2016 година.