За виното има многу заблуди и грешки. Од онаа споредба дека некој станувал поубав како што старее (како виното), до разни грешки како што е онаа дека виното се пие на собна температура, односно на 22 степени. Еве некои од најчестите заблуди за виното.
Старите вина се подобри
„Добар како старо вино“ или „какво вино имам- дваесет години старо“. Таквото вино најчесто не го бидува ни за оцет. За ништо, всушност. Тоа е во 99 насто случаи некаква одвратна течност со исто толку одвратен вкус и мирис. Најголемиот број вина се прават за да се испијат првата година-две после ставањето во шише. Такви се близу 90 насто од вината кои се прават во светот. Мал број од нив може да издржи некоја година повеќе. Многу, многу ретки се оние кои траат со десетлетија. Еден дел од нив можат да се сочуваат и да се подобрат во текот на пет, десет, најмногу петнаесет години за најврвните години. Виното има амплитуда на развој, се подобрува со стоењето, па потоа почнува да паѓа и да менува вкус, боја, ароми. Кога ќе чуете дека на некоја аукција се продало вино за неколку десетици или стотици илјади долари, таа цена не е постиганата заради задоволството да се испие виното туку е купено како раритет, антиквитет.
И за да се сочува некое вино долговечно, треба да е направено како такво. Тие вина најчесто се и многу скапи, лежеле под контрола кај производителот, во буриња и со специајлни третмани. Потоа, за да се сочуваат кај крајниот консумент треба да бидат чувани строго по прописи, во соодветен подрум, на одредена температура, влажност, светлина…
Нашите врвни вина се најчесто на нивото на издржливост од пет години после ставањето во шише.
Годината не бербата е важна/не е важна
Разликите од берба до берба се зависни од климатските услови во одредени години. Некаде временските услови варираат , па така може да има добри или лоши години. Може една година бербата да е одлична, другата осредна. Ова не е толку значајно за стабилните климатски региони. Занемарливи се и разликите кај вината за масовна употреба, односно трпезните вина.Тие се прават за да бидат стандардно исти.
Белото вино се пие со бело месо, црвеното со црвено месо
Ова е само на ниво на изрека. Не и правило. Секој кој слепо се придржува на ова правило ќе биде осуден на здодевна навика да јаде иста храна и со неа да пие исто вино. Сакате со плескавица бело вино, сакате црвено вино со пастрмка – тоа е во ред, тоа е ваш избор. Вие решавате. Дури и кога барате идеална комбинација на храна и вино, ќе има и отстапувања. И кај говедско и кај свинско месо, белото вино може многу добро да се сложи, зависно од тоа како е подготвено.
Виното е само за експерти
Точно, но тоа е за она што се однесува за бербите, правењето, техниките, историјата. Тоа е експертска работа. Виното, сепак, им припаѓа на сите кои го сакаат. Милиони луѓе пијат некое вино, а да не знаат ништо за него. Ако се загрижите дека не знаете ништо за виното, помислете дека доколку виното било врзано само за познавачите – производителите одамна би пропаднале.
Шампањското не треба да одележи.
Напротив, треба да одлежи и тоа добро. Но, мора да се чува во соодветнии услови. Тогаш можат и со децении да останат добри и да бидат уште подобри. Можеби меурчињата ќе изгубат на интензитет, но сталоженоста на вкусот ќе биде врвна. Шампанското во големи шишиња (1,5 литри) одлежува подобро отколку во мали.
Доброто вино не се расипува!
И најдобрите вина се оставени на опасноста да се расипат. Причината е таа дека некои габи или бактерии ја преживуваат стерилизацијата на плутата и остануваат во неа. Бидејќи тапите се во контакт со виното, го расипуваат виното. Најчесто се лоцира како „феномен на тапата“ или се вели дека виното „заудара на тапа“, или дека „има вкус на тапа“. Доволно е да ја помирисате тапата и ако таа е сомнителна, виното сигурно ќе биде дефектно. Познавачите се поделени во проценката за тоа колку од виното е „расипано“. Некои велат дека тоа е едно на секоја дузина шишиња, некој тврдат дека 3, па дури и до 4 насто од сите шишиња имаат некоја фалинка во вкусот и мирисот.
Има ли лошо вино?
Лошо вино всушност нема. Има подобро и помалку добро, поквалитетно и помалку квалитетно. Но тоа не значи дека некое вино е лошо. Расправата за добро и лошо нема победник. Од едноставна причина што виното е пред се работа на вкус. Има вина кои и еминентни стручњаци ги оцениле високо, а вам воопшто нема да ви се допаднат. Разликите во оценката се големи. За некого локалното вино, виното од бочка (комињак), е најдоброто, а тоа на друго место едноставно не поминува.
Има само два случаи кога можете да речете дека некое вино не чини – кога добива вкус, на пример, на малина во хартиена кеса скапана од пред три дена или кога ќе помислите дека наместо вино сте го зеле шишето со оцет.
Врвните вина се лоши додека се млади
Тоа е алиби за лошо вино. Оваа констатација инаку влече корен од времето кога технологијата не била развиена, па некои вина, на пример, морале да одлежат за да се сталожат танините. Сега вината се избалансирани и ова тврдење не е точно. Но сепак , одлежувањето го подобрува виното, особено врвните.
Оценките (не) лажат
Сосема е нормално да ги слушате советите на познавачите и оценувачите. Како што ќе прифатите и критика за книга или за филм. Но тоа не ве обврзува да купите или да пробате такво вино. Но, има многумина кои ќе се поведат по такво мислење. Тоа сепак не е гаранција дека ќе пијат нешто што безусловно ќе им се допадне.
Вино се пие на собна температура
Се уште кај нас виното не се пие на соодветна температура. Сосема погрешно е пренесено правилото дека црвените вина се пијат на – собна температура. Се работи за термин од 19 век кога собите се загревале на 18 степени.
Со затоплување црвените вина губат од својствата, со ладење исто така. Истото важи и за неизладените бели вина.