Започна бербата на винските сорти грозје

“Винаријата „Тиквеш” од Кавадарци го почна годинашниот откуп на винско грозје. Први ќе се откупуваат висококвалитетните сорти шардоне, рајнски ризлинг, темјаника, италијански ризлинг, совињон бел и траминец.
Главниот енолог во визбата Марко Стојаковиќ денеска информираше дека цените на грозјето, од сортите, шардоне, рајнски ризлинг, италијански ризлинг и совињон бел се 19 денари за општа берба, а 22 денари ќе се плаќа за килограм грозје пакувано во гајба, исплатата ќе биде во рок од три дена. Темјаниката и траминец ќе се откупуваат за 25 денари, додека за во гајби цената изнесува 28 денари.
– Ако споредеме со лани темјаниката се откупувала за 18 денари, ризлингот за 15,5 денари, а шардонето 16 денари. Цената за откуп на сортата темјаника споредено со лани е повисока за 38 насто. Винаријата „Тиквеш“ има сериозни планови и количини, годинава сме во план да откупиме околу 30 милиони килограми грозје, што е скоро двојно повеќе ако споредиме со минатата реколта, кога откупивме само 15 милиони килограми грозје, истакна Стојаковиќ.
Тој ги потсети лозарите дека можат да дојдат во визбата и да склучат договори за откуп, бидејќи „Тиквеш“ има потреба од грозје, а покрај ова им сугерираше на лозарите дека Македонија има недостиг од сортата темјаника и останатите ароматични сорти, па затоа ги повикуваат производителите да се насочат кон садење на овие сорти. Ова го потврди со фактот што цената на оваа сорта на грозје е за 8 денари повисока од лани или вкупно 38 насто и плаќање за три дена.
– Имаме тим од двајца агрономи кои постојано одат на терен разгледуваат, земаат мостри и ни даваат информација околу квалитетот на грозјето по склучувањето на договорот за кој е потребно имотен лист, трансакциска сметка и лична карта. Значи нашата откупна политика е Тиквеш да дава бонус за грозје во гајба, а каде има редукции за смалување на приносите на грозје од одредена сорта, даваме 40 насто повеќе од основната цена, што ја зголемува основната цена, што значи одлична поволност за производителите на грозје, нагласи тој.
Рече дека е ова тешка година за лозарството но со добар тим и добра технологија нема да има проблеми.
– Со пораната берба ќе добиеме и посвежи вина, овошни со помалку алкохол што е моментално тренд во светот, така што виното ќе биде многу попитко. „Тиквеш“ е репер и моментално сме над пазарната цена, подобри сме за денар два и даваме подобра цена од конкуренцијата, смета Стојаковиќ.
Тој рече дека е се уште рано да се калкулира со цената на најзастапените вински сорти вранец и смедеревка, а смета дека и потребите на винариите се избалансирани така што,според него, ќе нема толку недостиг на грозје како што се прогнозира.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *