Македонски вина минатата недела беа претставени на промоции во САД и Сингапур, а на почетокот на ноември ќе се промовираат во Данска. Претставувањето на вината е во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанаство во соработка со здружението „Вина од Македонија“.
Промотивните настани во САД се одржаа во Њујорк, Њу Џерси и Чикаго. Се претставија вината на „Тиквеш“, „Стоби“, „Далвина“, Бовин“, „Камник“, „Попов“ и „Езсимит“ пред дистрибутери, увозници, ХОРЕКА и професионални купувачи на вино на пазарот во САД.
И оваа година при преставувањето на македонските вина посебен акцент е ставен на сортата Вранец, како најголем репрезент на македонките вина и беше организирана Мастерклас презентација за Вранец што ја водеше реномираниот вински сомелиер Роџер Бисел.
Промотивните настани и годинава се финансиски поддржани од МЗШВ преку програмата за поддршка на руралиот развој за 2018 година.
Во соопштението од здружението се наведува дека овие настани во САД што во континуитет се организираат во последните шест години придонесоа за постепен влез на пазарот на повеќе македонски винарии и се од особено значење и за градење на препознатливност на македонските вина на овој пазар, а со тоа обезбедување влез и поголем удел на пазарот.
Пазарот на САД е најголем увозник на интернационални вина што опфаќа 17,2 отсто од вкупниот увоз на вина во светот со вредност од 6,2 милијарди американски долари, со што е оценет и како еден од пазарите со најголем потенцијал за македонското вино и извозот на македонските винарии на овој пазар секоја година повеќекратно расте. Според податоците за извоз, македонското флаширано вино на овој пазар постигнува најголема извозна просечна цена по единица производ (4,1 евро за 0,75л) и каде се остварува вкупен девизен прилив до 800.000 евра.
Промотивните настани на македонското вино во Сингапур под слоганот „Богатство од стариот свет“ беа специјално наменети за промоција на македонските вина, каде посетителите имаа можност да ги дегустираат најквалитетните вина од повеќе македонски винарии.
На промоцијата присуствуваа сомелиери и претставници од најголемите дистрибутери на вино од Азија, што претставува добра можност за отварање нови пазари и зголемување на извозот на македонското вино. Сингапур е една од најразвиените земји во светот со увозна вредност на вино од 250 милиони евра годишно.
Целта на овие промотивни настани е градење препознатливост на македонското вино и остварување контакт со потенцијални увозници и дистрибутери со цел поголем извоз на македонското вино на овие пазари и токму поддршката и организацијата на овие промотивни настани даваат позитивни резултати во делот на градење на брендот и имиџот на македонското вино.